Османи- Мас: Меѓувладината конференција е заедничка цел
Заедничка цел на Скопје и Берлин е одржување на првата Меѓувладина конференција за време на германското претседателство со ЕУ, изјавија шефовите на дипломатиите, Османи и Мас. Германскиот министер за надворешни е оптимист дека и покрај пречките од Бугарија, унијата ќе постигне консензус за почеток на пристапните преговори со земјава...

Заедничка цел на Северна Македонија и Германија останува одржување на првата Меѓувладина конференција за време на германското претседателство со ЕУ, изјавија шефовите на дипломатиите на двете земји по видеоконференцискиот состанок.
Германскиот министер за надворешни, Хајко Мас е оптимист дека и Бугарија покрај забелешките ќе се приклучи на заедничката изјава за почеток на пристапните преговори со земјава. Сепак, вели, со поинтензивни контакти двете земји треба да ги разрешат отворените прашања.
Одржувањето на првата Меѓувладина конференција до крајот на годинава ќе биде заокружување на втората стратешка цел покрај членство во НАТО и почеток на преговорите за членство во ЕУ, оцени министерот за надворешни Османи. Смета дека почетокот на преговорите со ЕУ ќе значи потврда на реформската определба и почеток на најголемата административна операција во државата, која ќе бара напори од сите во општеството.
Шефот на македонската дипломатија смета дека во ноември успешно ќе се круниса соработката со соседна Бугарија како ко-претседавачи со Берлинскиот процес, почнат на иницијатива на Германија, која пак ќе влезе во македонската историја како држава за чие претседателство земјава ги почна преговорите со ЕУ.
Ирина Гелевска
