ЕБРД: Македонската економија со пад од 5%
Европската банка за обнова и развој ја објави есенската макроекономска прогноза. Коронавирусот жестоко се одрази врз економите во целиот регион. За земјава, предупредување дека долгот се зголемува. Годинава ќе ја завршиме со пад на БДП од 5 проценти, а идната веќе ќе имаме раст од 3 отсто.

Европската банка за обнова и развој за годинава прогнозира пад на македонската економија од 5 проценти. Есенскиот извештај на ЕБРД ги отсликува последиците од коронакризата, но дава и оптимизам за 2021-та, кога би забележале раст од 3 отсто. Практично, банката со седиште во Лондон изврши надолна ревизија во однос на она што го прогнозираше во мај, бидејќи земјава ја заврши првата половина од годинава со пад на економијата од 6,3 проценти, како резултат на негативните остварувања во индустријата, трговијата, транспортот и туризмот, предизвикани од пандемијата. Стапката на невработеност се зголеми на 16,2 проценти, но ова е сè уште под ланското ниво. За да им се помогне на граѓаните и на фирмите, јавната потрошувачка се зголеми, а приватната потрошувачка, инвестициите, извозот и увозот отидоа во минус, како и дознаките кои се намалија за цели 30 проценти. Долгот се зголемува, предупредува Банката.
„Се предвидува значително зголемување на општиот владин дефицит и на долгот во 2020 година. Во јуни, државниот долг изнесуваше 51% од БДП (за 10 процентни поени повеќе од крајот на 2019-та година), а државните гаранции се зголемија за уште 8% од БДП“, се наведува во Извештајот на ЕБРД.
Влијанието на кризата ќе предизвика пад на економиите во Западен Балкан од 5,1% како резултат на колапсот на туризмот, нарушувањето на глобалниот синџир на добавување, намалувањето на странските директни инвестиции и на дознаките од странство. Од земјите во регинот, најпогодени ќе бидат Албанија и Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина ќе поминат како нас, а Србија би завршила со пад на БДП од 3,5%.
Мартин Пушевски
