ГРЕКО: Северна Македонија на задоволувачки начин ги спроведува препораките
Групата земји против корупцијата (ГРЕКО) независна експертска група на Советот на Европа, во извештајот објавен денес, оценува дека земјава ги спровела на задоволителен начин девет од деветнаесетте препораки, осум се делумно имплементирани и две не се спроведени, препораки содржани во четвртиот извештај за проценка, кој е посветен на превенцијата на корупцијата кај парламентарците, судиите и обвинителите...

Општо земено, како што стои во заклучоците на извештајот, властите на Северна Македонија направија забележителни напори за да ги променат релевантните законските рамки за корупцијата кај парламентарците, судиите и обвинителите. Во некои аспекти, напредокот останува делумен, бидејќи сè уште треба да се решат голем број празнини и останува да се види постојана практична примена на новите правила.
Така на пример, за пратениците, ревидираниот етички кодекс не пропишува конкретно однесување за разни ситуации на судир на интереси и интеракции со лобисти, а неговите одредби за донации не се поедноставени.
Што се однесува до судскиот систем, ГРЕКО нагласува дека може да се очекува проширување на Кодексот за етика за судии и организација на низа насочени задолжителни обуки за зајакнување на нивната непристрасност и интегритет.
За системот за декларација на интереси и активи, ГРЕКО го поздравува значително зајакнатото регулирање на условите за избор, именување и разрешување на Државната комисија за спречување на корупција воведено со новиот закон, кој ќе има потенцијал да ја заживее независноста и професионалноста на ова тело.
Со оглед на постигнатите достигнувања, ГРЕКО заклучува дека сегашното ниво на усогласеност со препораките веќе не е „генерално незадоволително“. Затоа, ГРЕКО одлучи да не го применува засиленото следење на земјата.
Согласно со тоа, ГРЕКО бара од шефот на делегацијата на Северна Македонија да достави извештај за мерките преземени за спроведување на препораките кои се делумно спроведени, најдоцна до 30 септември 2021 година.
Тони Гламчевски
