Владата ќе расправа за новите мерки, Собранието за законските измени за справување со Ковид-19
Еден пакет рестриктивни мерки денсека на Влада, друг во Собрание. Ако не покажеме свест и одговорност повторно ќе воведеме полициски час, порача министерот Филипче...

Сите економски оператори да работат до 23 часот, ограничување на капацитетот во јавниот превоз до 50 отсто, забрана на јавни настани и препорака до целата државна и јавна администрација, до општините и судовите, согласно механизмот на работа, работниот процес да се одвива во смени или онлајн од дома, или пак редуцирано со систем на ротации и секоја од институциите согласно карактеристиките на работниот процес. Ова се пакет мерките за намалување на бројот на новозаболени од Ковид-19, кои денеска на седница на Владата ќе ги предложи министерот за здравство Венко Филипче.
Собранието, пак, ќе расправа за претходниот пакет мерки предложени од Комисијата за заразни болести. Во Предлог- законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести по скратена постапка, за кој ќе расправа Собранието, се вметнати претходните предлози на Комисијата – задолжително носење маски на отворено, ограничување на групирањето по 22 часот надвор и ограничувањето на семејните собири.
Вирусот е многу проширен насекаде. Значително се зголемува бројот на заболени, а болниците се исполнуваат, изјави вчера министерот за здравство, Венко Филипче. Нагласи- ако не покажеме свест и одговорност, повторно ќе се воведе полициски час.
Според последниот извештај на Министерството за здравство, евидентиран е 161 нов случај со Ковид-19. Починале 12 лица од кои седум во Скопје, а преостанатите се од Тетово, Битола, Струга, Кавадарци и Прилеп. Досега во земјава, вкупно се регистрирани 23.788 заболени. 5.550 се активни случаи, додека бројот на починати е 846.
