Собрание

Џафери: Седница за мерките против Ковид-19 во вторник

22.10.2020 15:19

Законот за заштита на населението од заразни болести, на седница дури во вторник. Претседателот на Собранието, Џафери вели дека немал намера да свика посебна пленарка само со една точка. Потсети дека одложувањето на расправата било по барање на партиите. „Предлог-мерките нема да дадат резултати“, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Ќе учествуваат во дебатата, но ќе гласаат воздржано. „ВМРО-ДПМНЕ го блокира носењето на мерките“, обвинуваат од СДСМ...

Измените на Законот за заштита на населението од заразни болести на собраниската седница во вторник. Претседателот на Собранието, Џафери појасни дека пратеничките групи побарале одложување заради меѓусебно усогласување и дека нема намера да свикува седница само за една точка. До седницата се очекува да заврши изолацијата на тројцата пратеници кои беа позитивни на Ковид-19. Тие се во добра здравствена состојба.

Од пратеничачката група на ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш потенцираа дека не го блокираат Законот за заштита на населението од заразни болести, туку само бараат дискусија за нивните предлози и формирање специјална Државна комисија. Ќе учествуваат во расправата, но ќе гласаат воздржано. Од опозициската партија велат дека предлог мерките нема да дадат резултат.

Обидот на ВМРО ДПМНЕ да го блокира носењето на мерките за заштита од Ковид-19 е уште една опструкција, откако е прогласена пандемија. Несериозното однесување на Христијан Мицкоски и ВМРО- ДПМНЕ е на штета на здравјето на граѓаните, сметаат Социјалдемократите.

Со мерките, предложени од Комисијата за заразни болести, а прифатени од Владата  се предвидува задолжително носење маски на отворено, забрана за групни собирања по 22 часот и редуцирање на бројот на патници на 50 насто во јавниот превоз.

 

Игор Панов