Прилеп: Се бара совесност и строга контрола на мерките

22.10.2020 16:26

Строга контрола на мерките, одговорност од граѓаните, бара прилепскиот кризен штаб по наглото зголемување на заразените од корона вирусот. Инфективното одделение е полно, има 10 заразени здравствени работници, болницата ќе функционира, но со редуцирани зафати. Граѓаните бараат совесност и поостри мерки...

Строга контрола на патниците во градскиот превоз, каде се намалува за 50 насто, на организираниот превоз во фирмите, контрола на угостителите со работно време до 23 часот, на градскиот пазар и намалено работно време. Јавните и државните институции во градот да работат во смени или онлајн, порача денеска прилепскиот кризен штаб по наглото зголемување на бројот на заразените од корона вирусот. Заболените се главно млади, на возраст од 20 до 39 години.

Две текстилни фирми се затворени на 20-ина дена поради позитивни вработени. Поради заболени наставници и воспитувачи, 30- ина ученици во две училишта се во изолација, како и 35 деца во две градинки. Во другите училишта, според општинската комисија за контрола, главно се почитуваат протоколите и мерките.

Инфективното одделение е полно со пациенти, ќе се искористува простор на Одделението за уво нос и грло, или да помогнат соседните градови. Во моментов 10 медицински сестри и болничари во болницата се позитивни на Ковид-19. Одделенијата ќе работат, ама со редуцирани зафати.

Прилепчани децидни дека од граѓаните зависи колку се придржуваат на мерките, а други бараат построги мерки.

Надлежните и граѓаните бараат одговорно и совесно одесување.

Елизабета Митреска