Празник

Со положување цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев, одбележан 23-ти Октомври

23.10.2020 12:47

Се одбележува Денот на Македонската револуционерна борба. На овој ден се потсетуваме на основоположниците на македонското револуционерно движење, кои беа водени од праведни идеали и принципи, вели претседателот Пендаровски во честитката до граѓаните. Наша генерациска должност не е само да ги чуваме придобивките на нашите предци, туку и да го направиме следниот чекор, да градиме напредна европска држава. Честитки за 23-ти Октомври упатија и премиерот Заев и спикерот Џафери. По повод државниот празник, положување свежи цвеќиња на споменикот на Гоце Делчев во Градскиот парк во Скопје...

Пред споменикот на Гоце Делчев, апостолот на македонското револуционерно движење, им се поклонуваме на сите борци и ја чествуваме нивната жртва, истрајност и нескршлива волја за слобода и правда за сопствена државност – порака на Денот на Македонската револуционерна борба.

Државниот врв со честитки за празникот. Претседателот Пендаровски посочи - наша генерациска должност не е само да ги чуваме придобивките на нашите предци, туку и да го направиме следниот чекор - да градиме напредна европска држава со функционални и одговорни институции, владеење на правото, со слободно и инклузивно општество.

Спикерот Џафери повика да се потсетиме на сите храбри и тешки одлуки кои се дел од градењето на државата и на пожртвуваноста на големите луѓе со визија и големо срце.

Премиерот Заев, пак, повика на обединување - борбата на македонските револуционери никогаш не беше свртена кон минатото, туку кон иднината. Во духот на овој завет, во име на нашата единствена иднина како дел од демократскиот и прогресивен свет, со членството во НАТО и Европската унија, пруживме рака за соработка со сите наши соседи, напиша премиерот во честитката по повод 23-ти Октомври.

На 23-ти Октомври, пред 127 години, шестмина млади револуционери имаа идеали, а со нив ги поставија темелите за слободна македонска држава.

 

Александра Спировска