Охрид: Продолжен празничен викенд со празни хотели
Охридските хотели викендов се скоро целосно празни. Македонските граѓани соочени со новиот бран заразени од Ковид-19 одлучија да останат дома. Ваквата состојба придонесе дел од хотелиерите уште сега да стават клуч на вратите од нивните објекти, а до крајот на годината се очекува дури педесет проценти од хотелите на Охридско- струшкото крајбрежје да ги затворат вратите за посетители...

Продолжениот празничен викенд во Охрид ќе помине со скоро целосно празни хотелски капацитети. Ниту повозрасните хотелиери не се сеќаваат дека најголемиот македонски туристички центар бил толку празен во овој период од годината. Очигледно е дека корона кризата влијаеше на ваквите состојби, поради што граѓаните избраа да останат дома.
„Иако еве времето е прекрасно состојбите си го направија своето, ситуацијата, така што интересот за овој празничен викенд е многу слаб“, изјави Тоше Чочороски, менаџер на хотел.
„Границите ни се затворени. Со затворени граници немаме комуникација со соседните земји кои што доста исполнувале во изминатите години. Може да се каже како бројка дека во Охрид имало милион ноќевања, повеќето странски гости кои во моментов недостигаат“, вели Крсте Блажески, претседател на ХОТАМ.
Неизвесноста во овој сектор е голема. Дел од хотелите ставија клуч на вратите бидеќи неможат да исполнат ниту една десеттина од капацитетите, а нема економска оправданост да работат ако искористеноста не е помеѓу 30 и 40 проценти.
„Со сегашните мерки кои што се поставени во моментов очекуваме барем 50 проценти од хотелите да затворат во овој зимски период само за да ги намалат трошоците кои ги очекуваат сега“, вели Блажески.
„За жал ваквата ситуација ќе продолжи. Неизвесноста е уште поголема од онаа пред почетокот на сезоната. За Нова Година ниту сами не знаеме што да очекуваме. Прво не знаеме дали ќе имаме дозвола за организирање на прослави, второ не знаеме дали бројките, ситуацијата ќе дозволат да се организираат такви настани“, додава Чочороски.
Во сегашните услови подршката од државата е добредојдена и хотелиерите очекуваат таа да продолжи и во првите месеци од наредната година. Но доколку пандемијата не стивне до март или април тогаш ќе пропаднат договорите кои сега се потпишуваат со странските партнери, а тоа може да значи колапс за многу субјекти во туристичкиот сектор.
Сашо Нелоски
