Судство

Пандемијата ја кочи работата на судовите, за онлајн судења треба да се променат законите

26.10.2020 16:46

Најавата за онлајн судење не може да се реализира поради техничка, но и законска природа, нагласуваат од Основниот суд Тетово. Во законот јасно е прецизирано во кој дел од рочиштата може да се користи интернетот како алатка во процесот. Пандемијата, велат, како и секаде во голем дел ги одложува судските процеси и рочишта...

За да имаме онлајн судење мора да се променат законите и да се овозможат технички услови за тоа, кои нашиот суд воопшто ги нема, велат од оваа институција.

Лидија Илиевска судија во кривичниот одел во Основниот суд Тетово, вели дека процесните закони кои се системски закони, како за водење на граѓанска така и за кривична постапка, не предвидуваат онлајн судење, туку во тие закони е јасно наведено - судењата се вршат на усна главна и јавна расправа.

Од Тетовскиот суд, истакнаа дека кадар имаат доволно, но пандемијата ја кочи работата на оваа институција.

Процесите за голем дел од судските предмет последниве месеци се одолговлекуваат, поради се поголемиот број на заразени со Ковид- 19 на тетовското подрачје.

Основниот суд Тетово, е еден од поголемите во државата кој опслужува и пет рурални општини, каде моментално има и голем број на заразени, што дополнително ја отежнува работата на оваа институција.

 

Зоран Димовски