Измените на Законот за заштита на населението од заразни болести пред пратениците
Пред народоните избраници законските корекции за заштита на населението од заразни болести, носење маска на отворено, забрана за групирање на повеќе од четири лица на јавен простор по 22 часот и ограничување на бројот на гости во домовите...

Измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести денеска се пред пратениците во рамки на 19-та седница на законодавниот дом. Измените се во насока на спречување на ширењето на коронавирусот без воведување ригорозни мерки како што е полициски час.
Законот за заштита на населението од заразни болести е во собраниска процедура и верувам дека сите пратеници, свесни за тежината на ситуацијата во која се наоѓаме, брзо ќе го изгласаат. Во овој момент сметаме дека дополнителен пакет и некоја друга форма на мерки не треба да се имплеметираат, ниту да се препорачуваат. Верувам дека законот ќе се донесе за да избегнеме полициски час. И тоа се мерки кои практично имитираат полициски час. По 23 часот ништо нема да работи и граѓаните нема каде да одат, изјави вчера министерот за здравство, Венко Филипче.
Целта е, напомена, да се избегне групирањето и да се носат маски.
Доволно е да се почитуваат мерките за заштита и оние мерки кои ќе бидат изгласани во Парламентот. Генерално препораката е да се избегнува воведување полициски час. И на состанокот кој го имавме преку Берлинскиот процес со сите земји во регионот, беше порачано да нема такво ограничување. А пакет мерки кои можат да имитираат полициски час се речиси секаде во сила, нагласи Филипче.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ заедно со останатите опозициски партии Алијанса и Алтернатива и Левица, вчера поднесоа Предлог-закон за дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести по скратена постапка со кој бараат формирање посебна комисија за заштита и справување со пандемија или епидемија која ќе биде формирана од страна на Собранието и ќе треба да придонесе за ставање под контрола на ковид-ситуацијата.
