Ковид-19

По 2.000 тестови дневно ќе се прават во државните лаборатории

27.10.2020 14:32

По 2.000 тестови дневно ќе се прават во државните лаборатории. Болниците полни, адаптација на нови одделенија за пациенти со ковид. Најголем број заразени на возраст мегу 30 и 39 години. За еден месец починале 209 лица, повеќе од половина битката со вирусот ја изгубиле изминатите десет дена...

Почна да работи дополнителниот пункт за земање брис за коронавирус во Институтот за јавно здравје – се тестираат пациенти кои имаат закажано преку „Мој термин“, но и оние кои се ургенти. Надлежните очекуваат да се намали метежот.

Според здравствените власти, сега дневно ќе можат да се прават и по 2.000 тестирања на државна смета, институтот има капацитет за 1.000. Пунктот ќе работи во две смени. Брисеви ќе се земаат до 14 часот, а резултатите ќе се бидат готови попладне. Доктор Караџовски вели, секој кој има потреба ќе може да се тестира.

„Не дозволувам да има преку ред. Не дозволувам да има врски, не дозволувам да се спроведуваат активности кои што се несоодветни за ковид тестирање. Овие луѓе што се тука може да се тестираат ургентно, за ургентни потреби 1.850 денари е тестирањето, а во редовен термин, „Мој термин“ обезбедува можност за уште 150 лица да се тестираат. Ако ме прашате дали гужвата ќе се намали, да доколку мерките се почитуваат“, вели д-р Жарко Караџовски, претседател на Комисијата за заразни болести.

Се разговара и со приватните лаборатории да тестираат по референтна цена од 1.850 денари, утврдена од Фондот за здравство.

За една недела во земјава од коронавирус починале 84 пациенти, над 70 насто повеќе од претходната - стои во извештајот на Институтот за јавно здравје. Регистрирани се 3.410 нови случаи што е зголемување од 27,4 насто. 24 проценти од тестираните биле позитивни на вирусот.

 

Андријана Атанасовска