Куманово: Се прошируваат капацитетите на општата болница
Одделот за психијатрија и неврологија во кумановската болница ќе станат Инфективно 2. Проширувањето на капацитетите следи по зголемениот број на новозаболени од коронавирусот. Ова е второ проширување на ковид одделот. И во првиот бран надлежните беа принудени да отворат Инфективно 2, каде се хосипитализираа пациенти со средно-тешка клиничка слика. Но она што загрижува е што позитивните лица не ги пријавуваат своите контакти, но и метежот кој се уште го има пред банките и плоштадот.

Растечкиот тренд на новозаболени од коронавирусот, е причината поради која општата болница од Куманово одлучи да ги прошири сместувачките капацитети. По добиените препораки од Министерството за здравство, одделот за психијатрија и неврологија ќе станат Инфективно 2. Пациентите кои имаат потреба од невролошки преглед, ќе се згрижуваат во стариот Ургентен центар, додека психијатриски преглед ќе се врши во објектот зад Центарот за зависности. Ова е второ проширување на капацитетите на кумановското одделение. Во првиот бран од коронавирусот надлежните беа принудени да отворат Инфективно 2, кое тогаш беше сместено во зградата на одделот за уво, нос и грло.
Она што загрижува велат од Центарот за јавно здравје е што позитивните пациенти ги кријат своите контакти. Имено се пријавуваат само членовите на блиското семејството. За разлика од март или април кога на еден позитивен имало од 10 до 15 лица контакти, сега на едно позитивно лица има од 2 до 3 контакти.
И покрај постојните апели за почитување на мерките за заштита од ковид 19, во Куманово се уште може да се видат редици пред банките, но и раздвиженост на плоштадот.
„Јас колку што гледам секогаш сум тука низ центарот, и пред банките има луѓе кои не можеш да ги убедиш дека постои вирусот, ковид-19, јас се обидувам, но не веруваат“- вели еден кумановец.
„Почитуваме се што треба, не се мешаме, носиме маски, бегаме од младите“- нагласува друг.
„Јас ги почитувам лично, а за други не можам да гарантирам, маска носам, дома пријатели не викам“- вели еден кумановец.
Согласно последната статистика од почетокот на епидемијата регистрирани се 2.333 случаи, а активни во моментов се над 400. Но, болницата освен од Куманово згрижува пациенти и од општините Липково, Старо Нагоричане, Кратово, Крива Паланка и Ранковце.
Елена Георгиевска
