Железничката станица во Тетово целосно се реконструира, за прв пат
Железничката станица во Тетово целосно се реконструира, за прв пат откако е изградена во 1952 година. Објектот доби целосно нов лик. Се работи за инвестиција од над 7 милиони денари. Но, покрај станицата ретко може да се забележи да помине воз. Голем дел од возните линии веќе се одамна укинати, а најава за воведување на нови нема.

Железничката станица во Тетово, како досега така и во блиска иднина ќе биде наменета само за две возни линии. Една кон Кичево и една кон Скопје.
Тетовци велат дека Железничката станица- Тетово која преставува и своевиден симбол на градот, требала конечно по седум децении да се реновира. Но, без воведување на повеќе возни линии, граѓаните ништо не добиваат. Велат дека овој дел на Македонија кој е густо населен, има потреба од ваков транспорт, затоа што е поевтин, поудобен, но и помалку загадува.
Директорот на ЈП Железничка инфраструктура, Фестим Халили, вели дека железничкиот транспорт е комплексна работа. Во Полошкиот крај треба да има повеќе возни линии, тема за која како што рече, се разговара и со другите надлежни претпријатија и институции.
На отворањето на реновираниот објект присуствуваа машиновозачите и кондуктерите. Ја поздравија инвестицијата, но побараа поголема заштита и инвестиции низ железничките коридори.
Објектот на Железничката станица во Тетово е реновиран целосно од подот до покривот. Се работи за инвестиција од над 7 милиони денари.
Зоран Димовски
