СЦЕНА

Мартина Блажеска - Розеви неба: Топли тонови среде есенското сивило

03.11.2020 13:52

Пред речиси десет години публиката за прв пат се сретна со нејзината уметност преку неколку преработки на музички теми во различни стилови. Периодов е актуелна со авторската „Розеви неба“, песна која беше дел од проектот „Songs for World Peace“ (Песни за мир во светот), поддржан од Обединетите нации...

Мартина Блажеска е македонска гитаристка од Охрид која моментално своето музичко патување го остварува на релација Германија - САД. Својата музичка диплома ја доби на престижниот Колеџ за музика – Беркли, во Бостон, Масачусетс, а исто така е и официјален артист на „Ибанез“, „Лејни амплификејшнс“ и „Еликсир стрингс“.

Пред речиси десет години публиката за прв пат се сретна со нејзината уметност преку неколку преработки на музички теми во различни стилови, од прогресивен рок до есид џез, а најсилен впечток кај оваа млада артистка остава умешноста да ги спои во звучна целина овие различни правци, добивајќи вистински личен печат.

Благодарение на интернетот и експанзијата на социјалните мрежи, нејзината музика стигна до ушите и целосно ги освои слушателите и музичарите ширум светот, а особено значајно е признанието кое го доби во своите почетоци од познатиот Џамирокваи, кој пред седум години на својата фејсбук фан страница ја сподели преработката на Блажеска на неговата „You give me something“. Во 2018-та го објави своето деби ЕП- „World on a String“ и ја доживеа својата прва европска турнеа.

Периодов е актуелна со авторската „Розеви неба“, песна која беше дел од проектот „Songs for World Peace“ (Песни за мир во светот), поддржан од Обединетите нации.

„Проектот Songs for World Peace (Песни за мир во светот) e во организација на девојки кои студираа на Беркли во Бостон, исто како и јас. Алумни семејството на Беркли функционира како еден голем интернационален музички проект и постојано си помага со соработки. Како таква заедница, за сите нас е од големо значење да правиме музика или да учествуваме на музички проекти заедно. Јас добив покана да бидам дел од проектот по препорака на Дина Ризвич од Хрватска, која е исто Беркли алумна, одлична кантавторка и моја драга пријателка“- вели Блажеска.

Музичкиoт стил на Блажеска може да се опише како инди-поп, што се чувствува во „Розеви неба“, но истата е збогатена со доста раздвижена ритам секција, особено во бас линиите и тоа во фанки манир. Текстот го напиша самата, додека на музиката и аранжманот работеше заедно со Мартин Милер.

„Преку “Розеви неба” сакав најрпво да пренесам дел од таа воздигната енергија што јас ја чувствувам кога станува збор за мир. Затоа и одбрав полн аранжман и брз ритам кој не е често првиот избор кога станува збор за песни со потешки теми како што е пораката за мир во светот. Спротивно од балада. Така дојде и идејата за првиот стих  - нови приказни. Во текстот пробав да опишам неколку визуелни сценарија коишто во контекст на сè бурно што се случува во светот, за мене претставуваат форма на мир кој како таков ни е даден секојдневно и можеме да го пронајдеме каде и да сме, кога и да посакаме - за бранови, облаци, сите соништа. Сакам оваа песна да биде баш еден инстант потсетник во оние моменти кога најмногу ни треба и бараме мир“ - опишува Блажеска.

Не тема мир и тоа во време кога мирот и спокојот ни се чинат како луксуз, Блажеска вели:

„Ми дава мир кога знам дека луѓето избираат добрина над сè. Кога имаат можност да им го направат денот на другите поубав и токму тоа го одбираат. Кога чувствувам вистински мир, тоа чувство е во форма на воздигнат дух и надеж. Најчесто е чувство кое е поголемо од самата јас, доаѓа од едно место на грижа и љубов кон сите луѓе на кои највеќе им треба мир. Но, наоѓам и мир во моменти како мирисот на прашина на летно зајдисонце или рано охридско изгрејсонце кога воздухот е толку ладен што ги буди сите сетила.“

Мартина Блажеска добива поддршка и од локалните музичари, за тоа зборуваат соработките со Дуке Бојаџиев и Леана Таќи, меѓутоа и самата таа искрено верува во македонската музичка креатива. Во моментов на нејзината плејлиста се вметнати:

1. Дупер – „Пробај да ми бидеш“

2. Суперхикс – „Графити бој“

3. Нокаут – „Самовила“

Во врска со идните музички подвизи, Мартина Блажеска останува мистериозна, но дотогаш уживајте во „Розеви неба“ и нејзините преработки на инди-поп песни коишто редовно ги објавува на нејзиниот YouTube канал.

 

Јана Бурческа