Уставните судии ја прекинаа седницата за аболицијата на Иванов

06.11.2020 12:25

Осумтемина уставни судии не постигнаа договор да се решава за аболицијата на екс- претседателот Иванов, со која во 2016-та беа опфатени високи владини и партиски функционери. Мнозинството не го прифати предлогот на судијата Осман Кадриу, точката да се симне од дневен ред. Идентично и за утврдувањето на дневниот ред, па седницата беше прекината...

Прекината седницата на Уставниот суд за аболицијата на екс- претседателот Иванов со која во 2016-та беа опфатени високи владини и партиски функционери.

Судијата Осман Кадриу побара за помилувањата да се расправа на наредна седница, па потоа да се одлучува, бидејќи според него, по една година добиле различно предлог решение од судијата Костадиновски. Предлогот на Кадриу не помина.

Според судијата Костадиновски, одлагањето нема да ги подобри нештата.

Против одложување на седницата беше и судијата Јосифовски, кој посочи дека Уставниот суд доцни со одлуката по ова прашање.

Четири спрема четири беше и за гласањето по дневниот ред. Судијата Јосифовски стана и рече дека со тоа нема и седница, и ја напушти салата.

Сѐ уште на Уставниот суд му недостасува деветтиот член, кој е решавачки во носењето одлуки. Судскиот совет ја предложи судијката Добрила Кацарска.

 

Наташа Гркова- Петрушевска