Видео и аудио продукциите погодени од пандемијата
Здравствената криза сериозно ги погоди економските субјекти кои го надополнуваат туристичкиот сектор. Во време кога во охридските хотели целосно замре конгресниот туризам, а концертите и другите настани веќе подолго ги нема, видео продукциите и компаниите кои изнајмуваат аудио и видео опрема бележат огромни загуби...

Корона- кризата според повеќето показатели најмногу го погоди туризмот, но ништо подобро не поминаа чинителите кои се директно или индиректно поврзани со овој сектор. Економската криза особено ја почуствуваа компаниите кои мора постојано да инвестираат во скапа опрема и да ја следат технологијата што доаѓа, меѓу кои се оние кои што изнајмуваат аудио и видео опрема за концерти, свирки, конгреси и други собири. Ефектите на кризата посилно ги почуствуваа оние поголемите, со повеќе вработени, кои во изминатите години покриваа голем број настани во земјава и странство.
„Може да се рече по 5 на ден, некој просек да се земе, секој ден редовно бидеќи нема празник, нема сабота, недела. Тогаш сме имале и по 10 настани и повеќе на ден. Годинава се трошеше инвестицискиот фонд што го имавме предвидено да се инвестира, годинава го трошевме за плати на вработени“, вели Ѓоко Пирузе, сопственик на компанија за изнајмување аудио и видео опрема.
Ништо подобро не поминаа видео продукциите.
„Со почетокот на самата криза и нашата работа згасна. Како и секоја година инвестиравме во скапа опрема за да сме поквалитетни, но сега немаме работа. Значи немаме конгреси, немаме свадби, инвестицијата ни беше залудна“, изјави Ѓоко Наумовски, сопственик на видео продукција.
Кога заработувачката е сведена на нула, добредојдени се субвенциите од државата, меѓутоа тие ниту од далеку не го покриваат вложеното. Доколку здравствената криза не биде надмината во првите 4-5 месеци од наредната година помалку моќните компании и продукции најверојатно ќе згаснат.
Сашо Нелоски
