Филипче: Состојбата е крајно сериозна, здравствениот систем е максимално мобилизиран

06.11.2020 14:49

Во земјава секој ден рекорди на заразени со Ковид-19. Двоцифрени бројки и на починати пациенти. Капацитетите се исполнети, а медицинскиот персонал работи под притисок. И интерните-клиники се пренаменуваат во ковид-центри. Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека најодговорни за здравствената ситуација се премиерот Заев и министерот Филипче, од кого веднаш бараат оставка...

Во последните неколку недели имаме експлозија на вирусот, состојбата е крајно сериозна, здравствениот систем е максимално мобилизиран да одговори на предизвикот, оценка на министерот за здравство. Здравствените работници прават надчовечки напори. Колку пати и да е повторено, клучот во битката е доследно почитување на мерките, вели Филипче.

Вирусот е широкораспространет и најмало невнимание може да значи инфекција. Активиран планот за реорганизација на болничките капацитети. Целата зграда на интерните клиники ќе биде наменета за третман на пациенти со Ковид- 19.

Средно- тешка клинича слика со Ковид-19, во просек се лекува околу 16 дена, а тешката многу подолго, велат лекарите. Најголема опасност кај младите луѓе заболени со Ковид- 19 претставува прекумерната тежина која не ја сфаќаат серизоно, апелира директорката на Инфективна, Стевановиќ.

ВМРО-ДПМНЕ бара веднаш оставка од министерот за здравство. Филипче ветуваше монтажни болници, а денес граѓани се лекуваат сами по дома, по ходници и дворови на болниците. Граѓаните се доведени во состојба ако сакаат да се тестираат од Ковид-19 да дадат пари по приватни лаборатории, а ако немаат пари да умираат, бидејќи во јавно здравство нема термин за тестирање ни за лек, велат од опозициската партија.

Александра Спировска