Состанок на земјите од Берлинскиот процес, Меркел со порака- мора да се согласувате
Во Софија, состанок на земјите од Берлинскиот процес. Премиерите Заев и Борисов без детали за меѓусебните недоразбирања за македонските евроинтеграции. „Очигледна е политичката поддршка за процесот на проширување и за спроведување на пристапните преговори. Треба да ја зграпчиме шансата и да ја искористиме за доброто на сите граѓани“, рече Заев. Германската канцеларка Меркел со порака- „Мора да се согласувате“...

По самитот на Берлинскиот процес во Софија, копретседателите, македонскиот и бугарскиот премиер Заев и Борисов, без конкретни ставови за недоразбирањата околу евроинтеграцијата на земјава. Сепак, истакнаа дека во регионот може да се соработува, за што сведочи и потпишувањето на два важни договори за заеднички пазар и зелена агенда.
„Верувам дека имаме обновен импулс и очигледна политичка поддршка за процесот на проширување и за спроведување на пристапните преговори. Треба да ја зграпчиме оваа шанса и да ја искористиме за доброто на сите граѓани. Да ги унапредиме нашите напори за дополнителен реален напредок во реформските процеси, како и да се унапреди регионалната економска соработка и да се постават темелите за одржлив раст. Само интегриран и поврзан регион може сигурно да чекори кон ЕУ. Визијата на Акцискиот план за заеднички регионален пазар и Зелената агенда го покажуваат вистинскиот правец“, истакна премиерот Зоран Заев.
„Го поставивме патот за перспектива на Балканот како целина, не само за западниот дел. Се дава можност да се воспостави огромна инфраструркутра во регионот, со трите милијарди, и новите девет, и се тоа што сме го замислувале во секоја област, патот, железничката линија, сето тоа се случува“, нагласи бугарскиот премиер, Бојко Борисов.
„Не заборавајте дека е многу е важно да се согласувате“ , порача иницијаторот на Берлинскиот процес за соработка и евроинтеграција на Западниот Балкан, германската канцеларка Ангела Меркел. Нагласи дека Берлинскиот процес е важен за помирување во регионот.
„Берлински процес е секогаш поврзан со помирување на недоразбирањата и наследството од минатото. Се надеваме дека овој процес ќе продолжи, за регионот она што морам да го кажам е да се согласувате, не заборавајте- затоа што тоа е многу важно“, нагласи германската канцеларка Ангела Меркел.
Земјите од Западниот Балкан се договорија за заеднички пазар со над 20 милиони население што ќе доведе до зајакнување на регионалните економии и во услови на пандемија. Со потпишување на Договорот за зелена агенда, земјите се обврзаа да постигнат нула загадување со јаглерод диоксид што ќе значи доближување до стандардите во ЕУ.
Ирина Гелевска
