Тамара Стојковска со нова песна- „Жедни“

11.11.2020 15:19

„Песната е инспирирана од реалноста. Мислам дека живееме во време кога се наметнати правила за тоа како треба да го живееш животот, па тоа се имплементира дури и во љубовниот живот. Некои и знаат што точно им треба, но не се доволно храбри да се борат за сопствената среќа. Светот навистина е убав кога човек е среќен, а за тоа е доволно искреност кон себеси” - вели Стојковска за “Жедни” и пораката која ја испраќа со песната.

Многу млада и многу зрела, сериозна во музичкиот израз, но со ведра енергија — токму така ја запознавме Тамара Стојковска летото 2019-та година кога не’ изненади со “Друга ѕвезда” и внесе нов, а евергрински призвук на македонската музичка сцена. Истата година, есенски не’ раздвижи во блуз-фанк фазон со “Кажи нешто ново”. Во сличен правец ја слушаме деновиве, станува збор за третиот сингл на младата пејачка насловен како “Жедни”.

„Песната е инспирирана од реалноста. Мислам дека живееме во време кога се наметнати правила за тоа како треба да го живееш животот, па тоа се имплементира дури и во љубовниот живот. Некои и знаат што точно им треба, но не се доволно храбри да се борат за сопствената среќа. Светот навистина е убав кога човек е среќен, а за тоа е доволно искреност кон себеси” - вели Стојковска за “Жедни” и пораката која ја испраќа со песната.

Покрај ова таа вели дека “Жедни” ја доживува како “будење”.

“За “Жедни” велам дека ми е “будење” и приватно и професионално. Како музичар си ги преминав границите на комфорт-зоната и се потпишувам како автор на текстот. А, приватно ми докажа уште еднаш дека музиката ме одржува во живот и дека дури и во време кога уметноста е во криза, вреди да се борам за да создавам” - дополнува таа.

Музиката и аранжманот на “Жедни” ги направи Давор Нечак, што беше случај и во претходните песни на Стојковска. Овие млади луѓе функционираат симбиотски на музичко ниво, за што придонесуваат музиката на којашто тие се изложени и музичките великани од кои секојдневно учат, па оттука и музичката тежина на нивните заеднички проекти која градира во крешендо со секој нов обид.

Авторот Давор Нечак како музички пример за продукција, музика и аранжман ги издвојува Џамирокваи и Квинси Џоунс, додека пак Тамара Стојковска открива дека додека ја креирале “Жедни” таа била целосно навлечена на The Brand New Heavies, Џејкоб Колие и Том Миш. Во пошироката слика Стојковска црпи инспирација oд артисти како Бет Харт, Лиен Ла Хавас, Луис Капалди и Џос Стоун.

На својата музичка плејлиста Тамара периодов ги слуша Фолтин и нивниот албум “Пијан славеј”, Светлана Јовановска и макфестовската “Колку силно љубам” и Мартина Блажеска со “Розеви неба”.

Mузичката приказна во слика ја преточија Пеце Здравковски и Ѓорѓи Вацев. Уживајте!

Јана Бурческа