Стефан Манасиевиќ: Целосно се пронаоѓам во “Тишина”

18.11.2020 20:08

Стефан Манасиевиќ деновиве го промовираше синглот “Тишина”. Доследен на своето, Манасиевиќ и овој пат ни донесе фантастично спакуван производ, од аудио и видео аспект ...

Стефан Манасиевиќ деновиве го промовираше синглот “Тишина”. Доследен на своето, Манасиевиќ и овој пат ни донесе фантастично спакуван производ, од аудио и видео аспект во кој, повторно, многу умешно и со идеална доза префинетост даде артистичен призвук на оваа поп балада.

“Тишина” е песна во која целосно се пронаоѓам и точно секој збор и тон го опишува мојот последен период, кој трае повеќе од една година. Во мене владееше и сѐ уште владее "Тишина", не само од љубовен аспект, туку и од многу други животни аспекти. Животот на сите, покрај убавите, ни носи и не толку убави и пријатни нешта. Сите се соочуваме со проблеми. Важно е да ги прифатиме, да се носиме со нив и да најдеме начин како да ги надминеме. Секако, за некои работи е потребно да помине време но според мене сите треба да се стремиме кон нештата со позитивна мисла, секогаш да бидеме оптимисти и "борци". Познавајќи се себе си, сметам дека сум таков. Самите на себе, можеме многу да си помогнеме” - отворено зборува Манасиевиќ.

Тимот кој стои зад овој проект е симбиоза на млади, креативни енергии, а вклучените артисти ќе си земам слобода да ги наречам “движечка сила” на актуелната музичка сцена. Иван Петровски е комплетен автор на песната, тој музички придонесуа во повеќе состави, но исто така годинава беше и награден со “Златен орикс” за најдобар млад џез музичар.

“Навистина сум многу среќен и презадоволен со тоа како излезе целиот производ. Ја имам таа среќа, да бидам опкружен со луѓе, кои се екстремно талентирани и креативни. Им благодарам од сѐ срце за сѐ што прават за мене. Не се опишува радоста кога соработуваш со своите најблиски и најсакани. Многу сум горд на мојот тим. Песната стоеше во "фиока", година и половина, но мислам дека коцките си се поклопија, како нешто да сакаше да се објави толку време подоцна. Вредеше чекањето и мислам дека излегува во вистински момент. Инспирацијата дојде од Иван Петровски. Тој е секогаш главниот “виновник”.” - раскажува Манасиевиќ.

“За време на едно од нашите дружења кои траат многу долго, тој седна на пијаното и ја отсвири мелодиската идеја од темата на рефренот. Веднаш ми се допадна и инсистирав тоа да биде нашата следната песна. Најчесто инспирацијата доаѓа од долгите разговори за нашите гледишта кон музиката, но и самиот "mood" на одредени музички парчиња. Одлично се разбираме и знаеме што сакаме да постигнеме, па не ни требаше многу време за да ја создадеме песната целосно, на која Иван се потпишува како комплетен автор. Тој е човекот на кого секогаш најмногу му верувам и восхитувам кога се работи за музичкиот дел. Слободно можам да кажам дека е мојот идол. Кога е стилот во прашање, би рекол дека е поп балада со модерен призвук и уметнички пристап, кој на мене најмногу ми се допаѓа и прилега на мојот сензибилитет.” - дополнува младиот пејач.

Видеото е дело на Наско Џорлев, уште еден млад човек чие име се’ почесто го среќаваме во музичкиот свет, како артист и како креативецот зад бројни музички записи и различни формати на креативни решенија за своите колеги. За соработката со Наско Џорлев, Манасиевиќ вели:

“Наско на фантастичен и оригинален начин ја преслика песната визуелно. Текстот го пишував обратно, од самиот крај, последната буква на последниот збор, се до почеток, за да може во "reverse" да изгледа така како што изгледа. Поентата е со секое вртење на страната и веќе напишаниот текст, јас со моето пишување, буква по буква, збор по збор, практично да го "бришам" текстот, со тоа што ќе остане празнина, односно тишина…”

Полина Тасева, која перидов е многу актуелна со своите соло проекти, во случајов се јавува како придружен вокал, додека Петар Лукиќ е уметникот кој стои зад пијано линијата во “Тишина”. Миксот и мастерингот се дело на Горан Гешовски, исто така име кое често се среќава во музичките води и тоа во повеќе функции.

Уживајте во резултатот од здружените сили на овие млади уметници и Стефан Манасиевиќ како главен лик во приказната насловена “Тишина”.

Јана Бурческа