Власта „за“, опозицијата „против“ онлајн Собрание

24.11.2020 16:48

Несогласувања меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за предлог-измените за Деловникот што ги предложи спикерот на парламентот Џафери. Социјалдемократите сметаат дека за функционално Собрание потребно е пратениците кои се заболени од Ковид-19 или се во изолација да гласаат онлајн. Опозиционерите се категорични дека услови за работа во законодавниот дом – има, а за евентуални деловнички измени бараат носење со консензус...

СДСМ инсистира на измените во Деловникот што ги предложи спикерот на парламентот Џафери, опозицијата пак со став- тие мора да се донесат со консензус.

Социјалдемократите сметаат дека за функционално Собрание  потребно е пратениците кои се заболени од Ковид-19 или се во изолација да гласаат онлајн. Според владејачката партија, опозицијата се определила за политиканство и деструктивно однесување во услови на пандемија и на економска криза.  

Власта не може да обезбеди мнозинство  за донесување на закони , па затоа на сила ги турка измените во Деловникот, одговорија од ВМРО-ДПМНЕ. Категорични се дека услови за работа во законодавниот дом има. СДСМ се затскрива зад пандемијата во услови кога и физички здравите пратеници од  нивните редови не доаѓаат на седниците, вели Мицевски. Доколку власта  сепак го донесе Деловникот тие ќе го оспорат пред Уставниот суд.

Измените во Деловникот што ги предложи спикерот Џафери на седница се во четврток. Џафери вели дека Собранието нема целосно да работи онлајн, тоа не била идејата. Смета дека за да се понуди соодветен одговор за функционално Собрание, треба да се има политичка волја.

Против измените се изјаснија и од Коалицијата Алијанса на Албанците-Алтернатива, кои најавија дека во иднина нема да присуствуваат на координациите доколку едно се дебатира, а друго се предлага за усвојување во законодавниот дом.    

 

Игор Панов