Нов звук со 3JECT и Тони Зен - РАТАТА

26.11.2020 13:49

Можеби најтешката задача за еден уметник е да создаде нов амбиент во ова време на бескраен избор, но момците од 3EJECT и Тони Зен заеднички успеаа...

Јавноста го запозна триото 3JECT во 2018-та, како инструментален состав зад којшто стојат тројца исклучително талентирани и иновативни музичари, инструменталисти чии имиња постојано циркулираат во различни музички комбинации создавајќи култура, имиња кои во една прилика ги нареков движечка сила во македонската музика. Иван Петровски - гитара, Александар Вачновски - тапани и Петар Лукиќ - пијано, иницијално обединети да создаваат инструментална музика заснована на импровизации, ги проширија своите музички видици и ја здружија креативната снага со Тони Зен, кој со своите лирики и flow ја однесе нивната музика во нова димензија. Можеби најтешката задача за еден уметник е да создаде нов амбиент во ова време на бескраен избор, но момците од 3EJECT и Тони Зен заеднички успеаа.

РАТАТА е насловот на соработката на овие музички имиња, а темата е инспирирана од риф наменски создаден за концерт на 3JECT во склоп на промоција на нивниот прв албум HOMEVERSE (2018), но потоа работејќи на новиот албум, момците од триото одлучиле подлабински да го искористат потенцијалот на музичкиот мотив.

„Одлучивме дека сакаме да вметнеме рап на песната, затоа што самиот бит е даб и има такво flow и меѓу другото, сакавме да излеземе од шаблонот на свирење инструментална музика. Сакаме да експериментираме со музиката. Ни требаше Тони, артист со огромно искуство и креативност да експериментира со нас. Тони напиша текст и за неполна недела го имавме финалниот производ“ - вели Александар Ванчовски за МРТ.

На својата официјална фејсбук фан страница 3JECT ја објавија песната и тоа — во име на непопречен проток на музика и свест, со задоволство и одредена доза горчливост.

„Нов албум, нов поход, нови магли и жаришта кои мораа на еден или друг начин да се опејат за да не полудиме начисто сите“- стои во објавата на триото.

Тони Зен пак на социјалните платформи за РАТАТА напиша:

„Ова е една од многуте песни кои не одекнуваат многу далеку, но, тие што слушаат, ќе ја слушнат. Јас избрав да ги пренесам сите чувства и содржини на свеста, произлезени од целава ситуација во која се наоѓаме сите ние оваа година, на овој начин го опишувам моето мислење и ја заокружувам 2020, ова се само мои увиди, не значи дека сум во право. И ова ќе пројде, бидете истрајни и здрав.

РАТАТА доби и лирик видео кое го направи Иван Куртевски од Мелем продукција и тоа врз фантастични кадри од главниот град снимени со дрон и тоа за време на карантинот, кога градот е целосно празен.

На новиот албум на 3ЈЕCT гостуваат и други артисти, но триото не открива имиња. Александар Ванчовски вели дека триото се надева на подобри времиња и можност албумот да се претстави и во живо пред публиката, а дотогаш работат на нов материјал и во духот на Мајлс Дејвис вели „Албумите и сингловите се само промоција за концертите“.

Јана Бурческа