Екологистите бараат ревизија на Законот за прогласување на Шар Планина за национален парк
Предложениот Закон за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк, не нуди заштита од негативното влијание на малите хидроцентрали, велат еколошките организации. 44 здруженија побараа ревизија на законот, а во меѓувреме додека траат административните процедури околу прогласување на Шара за заштитено подрачје, планината да стави под привремена заштита...

Со усвојување на посточекиот закон ќе се овозможи изградба на нови хидроцентрали, во услови кога посточеките сериозно го нарушуваат биодиверзитетот на Шара. Со сегашните нормативи за прогласување на Шар Планина за заштитено подрачје, идниот национален парк ќе има најмалку 40 мали хидроцентрали и наместо долготрајна заштита ќе се обезбеди законска рамка за долготрајно уништување, велат еколошките организации. Тие бараат и постапките за дадените дозволи за хидроцентралите да почнат одново.
Од Министерството за животна средина, велат дека деновиве завршиле јавните дебати каде бил презентиран Предлог- законот за прогласување на Шара за национален парк.
Сите забелешки и сугестии од граѓаните и невладините ќе се разгледаат и ќе се земат во предвид пред да се донесе законот за заштита на планината. Велат дека нема да дозволат хидроцентралите да го уништуваат идното заштитено планинско подрачје.
Планина на страната на Косово прогласена е за национален парк пред 30 години. Ако се заштити и на македонската страна, овој планински предел би преставувал најголем заштитен појас во Југоисточна Европа.
Зоран Димовски
