Волонтерите од Воено-медицинскиот центар и студентите од шеста година на Медицински факултет се вклучуваат во работата на ковид- центрите

01.12.2020 11:13

Утрово министерот Венко Филипче на состанокот на интерните клиники со преставниците од ВМЦ и студентите ја поздрави нивната одлука и желбата да помогнат во работата на ковид- центрите.

Лекарите и медицинските сестри од Воениот медицински центар (ВМЦ) и студентите кои се на шеста година студии на Медицинскиот факултет во Скопје, од денес почнаа да волонтираат во ковид- центрите во Скопје. Првата група на лекари и медицински сестри веќе е вклучена во сменската работа и во дежурствата.

Утрово министерот Венко Филипче на состанокот на интерните клиники со преставниците од ВМЦ и студентите ја поздрави нивната одлука и желбата да помогнат во работата на ковид- центрите.

„Помошта која ни ја давате за нас е многу значајна во период кога имаме голем број хоспитализирани пациенти со Ковид-19. Од друга страна, за вас ова е искуство какво што можеби нема да имате прилика да го видите во вашата кариера како лекари. Ваква организација немало до сега ниту кај нас, ниту во светот. Болеста е нова и непредвидлива. Клиничката манифестација е различна за секој пациент. Се соочуваме со нешто ново во медицината и за сите нас ова е во исто време и медицински проблем, но и предизвик“, рече министерот Филипче на состанокот.

Студентите од шеста година ќе бидат распределени во центрите каде работат под менторство на лекари специјалисти и ќе стекнат драгоцено искуство во делот на клиничката пракса.

Соња Стојановска