Отштета за нуспојави од вакцината против Ковид-19
Вакцината на „Фајзер и „Бионтек“доставена во Велика Британија. Лондон најави исплата на отштета од 130 илјади евра на лицата кои би имале тешки нуспојави од вакцината против корона вирусот. Русија соопшти дека развива уште најмалку десет вакцини против Ковид-19. Српскиот претседател Вучиќ на националната телевизија објави дека првите дози на руската вакцина „Спутник 5“ пристигнале во земјата...

Британија најави отштета од 130.000 евра на лицата кои би имале тешки нуспојави од вакцината против корона вирусот. Информацијата ја соопшти владата откако вакцината на „Фајзер“ и „Бионтек“ беше доставена во земјата. Британија е прва држава која по итна постапка ја одобри употребата на оваа вакцина. Коронавирусот ќе се додаде на листата болести во постоечката шема за исплата за штетност на вакцината која ќе се дава по строги проверки.
Русија соопшти дека развива уште најмалку десет вакцини против Ковид-19 покрај постојните. Во меѓувреме, белградските медиуми објавија дека првите дози на руската вакцина „Спутник 5“ пристигнале во Србија.
„Пристигнаа 20 дози што одат во нашите лаборатории. Безбедносно информативната агенција ги препрати до Торлак, а нашите експерти и луѓето од Агенцијата за лекови имаат време да ги испитаат во наредните денови и недели и да кажат дали можеме да го прифатиме тоа или не. Први ќе бидат вакцинирани здравствените работници, потоа војската, полицијата, хронично болните и постарите лица. Се надевам дека ќе набавиме доволно. Не можеме да бидеме први во светот, не можеме да бидеме втори. Се потпираме и на Ковакс и на сѐ. Ќе земаме и од други, затоа што сакаме да го излекуваме нашето население. Сакаме економијата да не ни заостанува, туку да напредува“, изјави српскиот претседател Вучиќ.
И бугарската влада усвои план за вакцинирање на населението против Ковид-19. Не е прецизирано кога ќе почне кампањата и како ќе се извршат вакцинациите, но министерството за здравство соопшти дека ќе биде бесплатна и доброволна. Вакцините ќе бидат достапни само за одредени социјални и професионални групи за кои се смета дека се изложени на поголем ризик.
Марина Ристова
