ВЕНЕЦУЕЛА

Мадуро ја презема контролата и врз Националното собрание

07.12.2020 13:28

Политичката алијанса на претседателот Николас Мадуро прогласи убедлива победа на изборите за Националното собрание. Најголемиот дел од опозицијата го бојкотираше гласањето. Резултатот е спорен и за меѓународната заедница.

Со победата на парламентарните избори, претседателот Николас Мадуро обезбеди целосна контролата врз владата. Обединетата социјалистичка партија освоила околу 68% од гласовите. Социјалистот им порача на опозиционерите да се повлечат од агендата на САД, а на новата администрација на Вашингтон - да ги укине санкциите за да се врати механизмот на национален дијалог.

Го следевме Уставот. Пет години подоцна, морам да кажам дека имаме ново Национално собрание, производ на гласот на народот, народот кој ги избра новите законодавци. Извојувавме огромна, џиновска изборна победа“, изјави претседателот Мадуро.

Опозицискиот блок кој не се придружи на бојкотот на Хуан Гуаидо, самопрогласениот лидер на Венецуела кој го предводеше мнозинството во Националното собрание, доби поддршка од 18% од гласачите. По поразот најавуваат референдум за крај на владеењето на Мадуро и нови претседателски избори.

Иако тие повторно на сила го преземаат парламентот, и најавуваат уште поголем прогон на нас, народот на Венецуела, законодавците, легитимното Национално собрание, јас, како претседател, ви гарантирам дека ќе бидам со вас. Ние ќе го вратиме владеењето на уставот, одговорноста на парламентот и мисијата што ни ја даде народот“, изјави Хуан Гуаидо, лидер на опозицијата на Венецуела.

Исходот е спорен и за меѓународната заедница. „Изборната измама во Венецуела е веќе извршена. Резултатите објавени од нелегитимниот режим на Мадуро нема да ја одразуваат волјата на венецуелскиот народ”, напиша американскиот државен секретар Мајк Помпео на Твитер.

Венецуела со години се соочува со економска криза и висок степен на сиромаштија кај населението. Според податоци на УНХЦР, околу пет милиони луѓе ја напуштиле земјата поради глад, насилства и прогон.

 

Маја С. Филдишев