Десетта сезона „Стисни плеј“: Посветени на промоција на македонската музика

10.12.2020 13:34

Денес Стисни Плеј е единствениот музички магазин во етерот кој се залага за промоција и поддршка на македонската авторска музика...

На 10.11.2011 во етерот одѕвони првата емисија водена од младите ентузијасти Александра Јовановска и Марко Марк и тогаш, можеби не знаејќи, стиснаа плеј на долгорочно и посветено следење на македонската музичка сцена. Девет години и десет сезони подоцна, истиот месец, во истото студио и со подеднаков ентузијазам Јовановска и Марк повторно се сретнаа и ни понудија издание полно спомени, ретроспектива, но и перспектива. Сосем логично ова издание започна со првата епизода на Стисни Плеј, а продолжи да се развива опфаќајќи ги фазите и форматите на Стисни Плеј, стотици изданија и уште повеќе песни, промоции, концерти и музички настани. Јовановска и Марк за кратко време станаа омиленото телевизиско дуо кај гледачите како исклучително симпатични и спонтани, но и секогаш темелно подготвени за содржините на програма.

Денес Стисни Плеј е единствениот музички магазин во етерот кој се залага за промоција и поддршка на македонската авторска музика. Екипата е предводена од, како што многумина ја нарекуваат, неуморната уредничка и водителка Александра Јовановска, и таа  е веќе препознаена од артистите и колегите во фелата, најмногу по етичкиот и афирмативен пристап, но и големата посветеност и искрена поддршка. Токму нејзината енергија е она што го одржа музичкиот магазин во полн сјај сите овие години, нешто што го потенцираше и Марко Марк во специјалното издание. Навраќајќи се на сработеното, како најдраги моменти ги издвојуваат фестивалите низ земјава, Скопски фестивал и ревискиот оркестар на МРТ, МРТ за најдобрите, Евровизија, Хит на месецот, како и фантастичните роденденски забави кои, како што велат, имале за цел да ја соберат естрадата на едно место, а во тоа успеваа секој пат.

Уредничката и водител на Стисни Плеј во специјалното, роденденско издание посвети внимание и на култните музички емисии на Македонската телевизија низ годините како Видео Метроном, Шоуто мора да продолжи, Топ 10 на Канал 3, 12 Величествени… Овие сведоштва зборуваа не само за културата и музиката во тоа време, туку и стимулот и мотивацијата на младите новинари во Македонската Телевизија што е од особена важност како за програмата, така и за културата во едно општество особено кога ќе се земе предвид функцијата на јавниот сервис.

Во иднина, Стисни Плеј останува најголемата поддршка на македонската музика, динамично и енергично и покрај сите предизвици. Очекувајте уште едно специјално, роденденско издание на 18.12.2020, петок, во 21:15ч на првиот програмски сервис на Македонската Телевизија, а дотогаш уживајте во новите и репризни, редовни изданија.

За крај, како мотив и сублимација на мисијата и визијата на Стисни Плеј, еден цитат на Јохан Хуизинга, основач на модерната историја на културата,  — “Ако сакаме да ја зачуваме културата, мораме да продолжиме да ја создаваме.”

Јана Бурческа