Хумана мисија со новиот албум на Александра Јанева: Секој може да придонесе за општото добро со она што ќе го даде од срце

15.12.2020 11:36

Албумот е компилација на сите најпеени песни низ музичката кариера на оваа талентирана вокалистка — од првата, која многумина ја опишуваат како евергринска и воедно првонаградена на Макфест „Врати ми го сонцето“, до последната „Комета“ за којашто самата го напиша текстот и ја објави летото 2019-та година.

По седум години успешна кариера, исполнета со многу хитови, награди и верни фанови, Александра Јанева на својата публика ѝ спакува предпразничен подарок — албумот „Срце отвори“.

Албумот е компилација на сите најпеени песни низ музичката кариера на оваа талентирана вокалистка — од првата, која многумина ја опишуваат како евергринска и воедно првонаградена на Макфест „Врати ми го сонцето“, до последната „Комета“ за којашто самата го напиша текстот и ја објави летото 2019-та година.

Зборувајќи за албумот Јанева се навраќа:

„Срце отвори“ е мое албумско првенче, моја љубов, нешто што ми дава секојдневна мотивација и потврда дека сум на вистинскиот пат, при што уживам во секој чекор правејќи го она што најмногу ме исполнува. Ако се навратам на почетокот, на првото појавување на сцена, гледам мало, збунето девојче со наивен ентузијазам, но огромна желба за пеење. Иако немав никакви сериозни предзнаења за музиката, благодарна сум им на сите пријатели музичари, композитори и соработници кои несебично ги отворија своите врати и цело ова време беа со мене насочувајќи ме и посочувајќи го патот кон остварување на замислените цели. Денес, од оваа перспектива, научив многу во тој поглед, но велат дека во музиката, како и во животот, созреваш секојдневно, до крајот на својот живот.“

Јанева истакнува дека за најголема сатисфакција и лично достигнување го смета тоа што го отворила срцето и на својата публика и подарила чиста емоција и енергија. Младата пејачка вели дека искреноста во стиховите и мелодиите и во нејзиното пеење се елементи со кој таа се идентификува и во иднина уште повеќе ќе ги изразува и истакнува.

„Албумот е готов подолго време и иако никогаш не можеш да знаеш кога е вистинското време за нештата да се случат, јас сум пресреќна што токму сега, кога целото човештво се соочува со најголемите предизвици и најмногу ни треба сплотеност и емпатија, имам можност да го претставам овој симболичен проект пред публиката.“ – вели Јанева.

Имено, албумот „Срце отвори“ има хуман карактер — верувајќи во тоа дека секој може да придонесе за општото добро со она што ќе го даде од срце Јанева одлучи албумот да се продава низ неколку градови во државата, а сите собрани средства да се донираат на Ковид пациенти на кои ќе им биде потребна финансиска помош за лекување.

„Ова не би било возможно без помошта од верните слушатели, кои се надевам ќе се препознаат и ќе се приклучат на хуманиот гест со купување на албумот со една и единствена цел — да се помогне сега, кога е најпотребно.“ – заокружува Јанева.

Јана Бурческа