Започна откупот на тутунот во велешко, тутунарите задоволни
Откупните центри ги отворија вратите за откуп на тутун и во велешко. Производителите задоволни, по просечна цена од 200 денари за килограм, до крајот на февруари очекуваат да продадат 1.500 тони жолто злато...

Во тек е откупот на тутунот во велешко. За разлика од другите делови во земјава, велешките тутунари се задоволни, велат дека годинава просечната цена за откуп на тутунот е околу 200 денари по килограм, сепак се надеваат дека цената ќе биде повисока.
Откупувачите за квалитетот на годинешната реколта велат дека е послаб за разлика од лани, тоа е причината за пониската цена. Воедно, апелираат до тутунопроизводителите да го продаваат својот тутун, бидејќи е премногу рано да се дискутира за крајната просечна откупна цена.
„Во однос од минатата реколта, сакам да напоменам дека е за нијанса послаба и спрема тоа се движи и цената. Сакам да апелирам до тутунопроизводителите, да не се плашат, да почнат да го продаваат својот тутун, да не подлегнуваат на манипулации на поединци, дека е премногу рано да се дискутира крајната просечна откупна цена“, изјави Кристина Јанева, откупувач на тутун.
Во велешко ќе бидат откупенени околу 1.500 тони жолто злато до крајот на февруари.
Памела Цилаков
