Истекува рокот на ваучерите за домашен туризам

15.12.2020 16:26

Денеска истекува рокот за искористување на ваучерите за домашен туризам. Од вкупно издадените над сто илјади ваучери, беа искористени над 60 проценти, а хотелиерите се задоволни од таа мерка. Велат дека би било добро со јануарските сет мерки на Владата неискористените ваучери да се насочат кон македонските зимски центри.

Платформата „Дома си е дома“ преку која се реализираше мерката ваучери за домашен туризам се заокружува со денешниот ден. Тоа значи дека до крајот на денот гостите кои користат ваучер треба да се одјават од сместувачките капацитети. Со оваа мерка беа поделени над 100 илјади ваучери во вредност од 6 илјади денари за престој во македонските хотели што требаше да придонесе во справување со последиците предизвикани од пандемијата. Оваа мерка на владата која можеа да ја користат вработени кои од јануари до април не остварувале нето приходи од плата и додатоци поголеми од 60 илјади денари ја искористија 61.648 граѓани.

„Се дадоа повеќе сетови на мерки за помош, меѓудругото беше и со ваучерите. Да, помогнаа во секој случај. Значи искористеноста на ваучерите од вкупниот број на издадени ваучери беше над 60 проценти. Поточна бројка не знаеме деновиве се користеа доста. Знаете нашиот народ секогаш кога ќе има нешто чека. И последниов месец можда 10 проценти од ваучерите беа искористени“, изјави Крсте Блажески, претседател на ХОТАМ.

Хотелиерите бараа продолжување на важноста на ваучерите и тие да се насочат кон зимските центри, но тоа не беше прифатено во последниот сет мерки на владата.

Можно е да се даде некој нов сет на мерки во текот на јануари каде што би се пренасочиле тие средства од овие останати 40 проценти“, вели Блажески.

До 18-ти декември хотелиерите кои имаа гости што користеа ваучери до министерството за економија треба да достават фактури за плаќање. До крајот на годината како што е најавено на нивните сметки ќе легнат парите од искористените ваучери.

 

Сашо Нелоски