Помош за компаниите бара Стопанската комора

15.12.2020 16:46

Неопходно е да им се помогне на компаниите да ја надминат кризата, порачаа денеска од Стопанската комора. За таа цел тие предлагаат намалување на цените на увозните и извозните давачки, укинување на административните пречки, како и раздвижување на надворешно- трговската размена.

Намалување на цените на увозните и извозните давачки, поедноставување или укинување на административните пречки и рационализирање на трговските процедури, се дел од чекорите кои што се неопходни компаниите полесно да ја надминат кризата, порачаа од Стопанската комора на Македонија при денешната посета на граничниот премин Табановце-Прешево. 

Комората бара даночно олеснување, како и раздвижување на надворешно- трговската размена. Нагласија дека компаниите секојдневно се соочуваат со предизвици дали може да ги задржат вработените, како да функционираат и со колкав капацитет. Затоа велат во моментов е неопходно да се олесни нивната работа.

„Потребата за ликвидносна поддршка за дел од компаниите кои времено може да останат или се без обновени договор, и поддршката може да биде преку грантови или бескаматни заеми“, истакна Билјана Пеева- Ѓуриќ, в.д извршен директор Стопанска комора на Македонија.

Неопходно е и да се воведе механизам за поттикнување нето извоз и на додадената вредност, но и сет на активности за помош во изнаоѓање  алтернативни извозни пазари.

„Според податоците на Царинската управа вкупниот увоз во првите 11 месеци од 2020 година е помал за 7 проценти во однос на истиот период минатата година, додека намалувањето на извозот за 11 отсто“, нагласи Ѓоко Танасоски, директор Царинска управа.

Директорот на Царинската управа нагласи и дека зелените коридори треба да продолжат да функционираат и да се прошират на граничните премини со ЕУ. Тој најави и реконструкција на граничните премини Деве Баир, Ќафасан и Делчево, нивно проширување со дополнителни ленти за проток на стоки, како и продолжување на реформите во делот на давачките и процедурите.

Елена Георгиевска