Прилеп

Тутунарите протестираат, пунктовите отворени за откуп

16.12.2020 14:43

Два часа тутунарите од пелагониско денеска го блокираа магистралниот пат Прилеп- Градско. Не отстапуваат од протести додека не почне секаде во земјава реално да се цени тутунот и да ја нема четвртата класа. Тутунарите на протест, откупувачите ги отворија сите пунктови во градот за преземање на родот...

Бараме реален, достоинствен откуп секаде подеднакво, и да се укине четвртата класа, порачаа тутунопроизводителите од пелагониско. Тие два часа денеска го блокираа магистралниот пат Прилеп- Градско, на излезот од градот.

За поздравување е, велат, што министерот за земјоделство веднаш се сретна со нив, но не им веруваат на откупувачите, иако ветиле флексибилен откуп. Бараат и официјалниот нивен претставник, Сојзуот на земјоделски здруженија, да биде со нив. Им треба гаранција дека секаде тутунот ќе се купува поддеднакво и реално.

По синоќешниот состанок во Прилеп со министерот за земјоделство Хоџа, тутунарите останаа на ставот да протестираат, а од друга страна, да продолжи откупот на тутунот. Ќе се прави неделен пресек на текот на откупната кампања и на постигнатата просечна цена.

Денеска се отворени сите откупни пунктови во Прилеп. Досега во државава се преземени само три насто од родот. Речиси две третини e во пелагонискиот регион.

 

Елизабета Митреска