Дипломатија

Романија со безрезервна поддршка за евроинтеграцијата на земјава

16.12.2020 15:14

Шефот на дипломатијата Османи во Букурешт на средба со неговиот домаќин Богдан Ауреску. Романија со безрезервна поддршка за македонските евроинтеграции...

Романија останува принципиелен и континуиран поддржувач на проширувањето на Европската унија со земјите од регионот. Ова е од корист за стабилноста и безбедноста на целиот регион и за ЕУ, заклучиле шефовите на дипломатиите Османи и Ауреску по средбата во Букурешт. Се согласиле дека проширувањето на Унијата мора да продолжи.

„Романија, како непосреден сосед на Западен Балкан, има директен интерес за исполнување на нашата европска интеграција но и регионално – таа е значајна за стабилноста на целиот регион и за Европа. Во тој правец сакам да се заблагодарам за конзистентната романска поддршка за нашите ЕУ аспирации“, изјави министерот Османи.

Шефот на романската дипломатија и покрај блокадата на преговарачката рамка, ја поздрави посветеноста на земјава за спроведување на реформите за приближување кон ЕУ.

Романија беше меѓу првите држави кои го поддржаа и членството на земјата во НАТО, а поддржува и наше вклучување во регионални иницијативи . Шефовите на дипломатиите оцениле дека економската соработка се намалила поради пандемијата, но со можности за нејзино зголемување по нормализирањето на ситуацијата.

Малцинставата во двете држави се дополнителен поттик за поблиски билатерални односи, оцениле Османи и Ауреску. Романија дава целосна поддржка и за македонското претседателство со ОБСЕ во 2023-та година.

 

Ирина Гелевска