Пендаровски: Црвените линии се јасни и одамна утврдени
Во Собранието, годишно обраќање на претседателот Пендаровски. „Убеден сум, дека членството во ниту една меѓународна организација не е вредно, ако од вас бараат да се обезличите“, рече шефот на државата. Претседателот не гледа потреба за дебата во Собранието или лидерска за спорот со Бугарија, бидејќи како што рече, ниту еден парламентарен политички субјект не го спори идентитетот на македонскиот народ и јазик. ВМРО-ДПМНЕ со транспаренти пред говорницата, па ја напушти салата...

„Црвените линии се јасни и одамна утврдени со државотворни акти на Првото заседние на АСНОМ. Ниту еден парламентарен политички субјект не го спори идентитетот на македонскиот народ и јазик“ - рече во годишното обраќање претседателот Стево Пендаровски. Вели дека во целокупниот македонски политички врв, и во власта и во опозицијата, не познава ниту еден кој е подготвен да тргува со најсветите работи за секој Македонец. Не гледа потреба за лидерска средба или за дебата во Собранието на оваа тема.
Шефот на државата вели дека земјава ќе продолжи по европскиот пат. Рече дека Европската унија е далеку од совршена, националните интереси често ја парализираат, но сѐ уште е незаменлива за демократизирање, и за неа нема алтернатива. Апелира до власта да ги вгради во текстот на предлог-законот за попис највисоките статистички стандарди и конструктивните предлози на опозицијата, за да се добијат резултати чија кредибилност никој нема да ги оспори. На домашен план останува посветен на дијалогот.
По ставањето под контрола на пандемијата со Ковид-19, претседателот Пендаровски посочи дека треба да се направи анализа и да се извлече поука. Најави јавна дебата за реформа на целокупниот систем на кризен менаџмент.
На почетокот на обраќањето на претседателот Пендаровски, пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ излегоа пред говорницата со транспаренти, а потоа ја напуштија седницата.
Наташа Гркова- Петрушевска
