Чешка и Словачка: Нема да дозволиме ЕУ да биде судија како се идентификуваме или на кој јазик зборуваме
„Нема да дозволиме ЕУ да биде судија како се идентификуваме или на кој јазик зборуваме“, се наведува во заедничката изјава на Словачка и Чешка, по ставањето вето на нацрт-заклучоците на советот за проширувањето, поради барањето на Бугарија за вметнување на погрешно толкување на историјата, во текстот за земјава. Со официјален одговор на ветото од Словачка и Чешка излезе и бугарското министерство за надворешни работи. Од Софија велат дека, тоа може да ја поткопа довербата за ЕУ на Западен Балкан...

По своето вето на евроинтеграцијата на земјава, Бугарија се соочи со вето од Словачка и Чешка. Словачка и Чешка излегоа со заедничко објаснување зашто ги блокираа нацрт-заклучоците за проширувањето. Во заедничката изјава стои дека иако се немилосрдни поддржувачи на проширувањето, не можеле да дозволат усвојувањето на вакви заклучоци што ќе влијаат на политиката за пристап во Унијата во наредниот период.
„Текстот содржи елементи, вклучувајќи го и поимот фалсификување на историјата, што според нас би било многу штетно за процесот на проширување и потенцијално може да донесе дополнителни компликации. Ние нема да дозволиме Унијата да биде судија на нашата заедничка историја, како се идентификуваме себе си или јазикот што го користиме. Овие прашања припаѓаат на засегнатите страни и ние сме тука за да ги поддржиме со искуството на нашите сопствени процеси. Длабоко сме разочарани што рамките за преговори и за Северна Македонија и за Албанија не се одобрени“, се наведува во заедничката изјава на Словачка и Чешка.
Овие две земји- членки на Унијата убедени се дека може да се најде решение за прилагодување на барањата на колегите од Бугарија без длабоки импликации за пристапувањето во ЕУ. Бугарското МНР излезе со официјално соопштение дека жали за неочекуваната блокада на заклучоците од страна на Словачка и Чешка бидејќи не се согласуваат за текстот за Северна Македонија.
„Ветото врз заклучоците на Советот ризикува да ја поткопа довербата на ЕУ и да ја спречи Унијата да го испрати многу потребниот сигнал до Западен Балкан за стимулирање на неопходните реформи што земјите кои сакаат да се приклучат мора да ги преземат. Како една од земјите членки што го поддржуваат проширувањето, Бугарија би сакала да го охрабри Советот да преземе конструктивен пристап во сегашната ситуација со цел да се овозможи донесување заклучоци за време на сегашното претседателство со Советот на ЕУ“, се вели во соопштението.
Ние продолжуваме да работиме на отклонување на проблемот со Бугарија, за кој што дури и не знаеме во што е проблемот. На крајот, заради тоа што сме пријателски земји, ние треба да си помагаме меѓу себе, за целиот Балкан да биде во ЕУ. Проблемот настана со долгото и краткото име - Република Северна Македонија и Северна Македонија. Ние потврдивме дека не постојат територијални претензии и го решивме на начин на кој го решаваат европски земји, изјави премиерот Заев при посета на Пустец во Албанија. Оцени дека Договорот за добрососедство се реализира добро и дека многу брзо ќе се најде решение со Бугарија.
Ирина Гелевска
