Политика

ВМРО-ДПМНЕ поднесе интерпелација за Димитров

18.12.2020 16:14

Неодговорен однос кон Собранието, манипулирање на јавноста за решени спорови со соседите и неодржување прва меѓувладина конференција – главни причини за интерпелацијата за вицепремиерот Димитров што ги наведува пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ со реакција – продолжение на деструктивноста и очајот на опозициската партија и докажаниот губитник Мицкоски...

Непочитување на Собранието, недобиената одлука за безусловен почеток на преговорите за членство на Македонија во Европската Унија, што требаше да биде означена со првата македонско-европска меѓувладина конференција и пасивноста на секретаријатот за европски прашања-главни причини за интерпелацијата на ВМРО-ДПМНЕ за вицепремиерот за евроинтеграции. Опозициската партија бара политичка одговорност за Димитров. Досега тој како морален чин одамна требаше да поднесе оставка, вели Милошоски, додавајќи дека вицепремиерот со неговите изјави за добиен безусловен датум за преговори ја довел јавноста во заблуда.

Оваа интерпелација ќе биде уште еден пораз за ВМРО ДПМНЕ. Димитров ужива целосна доверба од пратениците на мнозинството, затоа што се бори за државните интереси, реакција од СДСМ. Според партијата, се додека ВМРО-ДПМНЕ се однесува неодговорно кон институциите, кон граѓаните и државата, ќе остане во опозиција.

„Секојдневно се докажува дека ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, се целосно загубени во времето и просторот, без став, без идеи, без програма, фокусирани само на блокади, на кочења и деструкции на штета на државата и граѓаните. Интерпелацијата за вицепремиерот Никола Димитров е само продолжение на деструктивноста и очајот на ВМРО-ДПМНЕ и докажаниот губитник Мицкоски“, се вели во реакцијата.

Во клучни моменти за стратегиските интереси, дали станува збор за членството во НАТО или за членството во ЕУ, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски се посветени само на ширење лажни вести, хистерија и поткопување на државните интереси, велат социјалдемократите.

 

Милчо Велески