Трансмисијата на вирусот се намалува
Министерот за здравство Филипче вели дека трансмисијата на вирусот се намалува и ако продолжи вака ќе стане тренд. Сепак, не исклучува изненадувања. Апелира да нема лекување со копирање, туку матичниот лекар да пропишува терапија според клиничката слика. Од Кризниот штаб понудиле обезбедување на местата каде што ќе се врши вакцинацијата...

Бројот на болни опаѓа и се надеваме дека така ќе продолжи, но здравствениот систем не се опушта зашто вирусот е непредвидлив. Министерот Филипче побара од граѓаните да бидат совесни за празниците. Вели дека постојано се дискутира околу протоколите за лекување од Ковид-19, но на дигиталниот состанок со граѓанските организации посочи дека матичните лекари не смеат да даваат лекови по принципот на копи- пејст, туку според индивидуалната клиничка слика на пациентот.
Во повеќе од месец дена колку што ги обезбедуваат здравствените објекти, војската и полицијата немале ниту еден инцидент од граѓаните, вели директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов. Најави дека ќе се обезбедуваат и вакцините.
Ангелов ги повика граѓаните кои имаат предлог, критика или забелешка да пишат на официјалната страна на Фејсбук на Центарот за управување со кризи, зашто како што рече, сите можеме да помогнеме во кризната состојба. Невладините организации го потсетија дека располагаат со голем човечки капацитет кој државата во овој момент не го користи.
Здруженијата за лица со попреченост побараа сите информации да бидат достапни и прилагодени и до лицата со хендикеп, за да не бидат жртви на лажни вести или да останат неинформирани.
Катерина Топалова
