Интеграции

Софија укажува, Скопје верува во напредок

20.12.2020 17:08

Нема поместување во односите меѓу Скопје и Софија. Власта останува посветена на интегративните процеси, со верба дека препреките ќе се надминат, опозицијата критикува дека Заев ја нарушил меѓународната позиција на Македонија. Бугарскиот претседател Радев предупреди дека нашиот пат кон Европската унија води преку Софија, во време кога вицепремиерот Каракачанов тврди дека нивните позиции се во согласност со европските интереси...

Патот на Скопје до Европската Унија води преку Софија - дециден бугарскиот претседател Радев. За тамошните медиуми, тој рече дека политичките чинители во нивната земја уште минатата година постигнале консензус за нивните црвени линии и заштитата на националните интереси. Оттука, неприфатливо уверувањето на официјално Скопје дека може да врши притисок преку други европски центри, вели Радев.

„Таа рамкова позиција според мене е објективна и многу добра. Ние имавме консензус во Собранието за тоа. Сепак за жал не успеавме тоа добро да го промовираме во Европската Унија. Така што, во однос на тоа ние сме единствени. Нашите браќа навистина не разбираат дека патот за членство во Европската Унија не треба да биде долг, односно преку другите европски центри со цел да се прави притисок врз нас. Туку патот, како што веќе му кажав на претседателот Пенаровски, а и на специајлниот пратеник, води преку Софија. Ние треба да седнеме со раководството на Северна Македонија и да утврдиме најбрз начин за членство. Бугарија има најголем интерес, Република Северна Македонија да почне со преговори“, изјави бугарскиот претседател, Радев.

Тамошниот вицепремиер Каракачанов, пак, изјави дека позициите на неговата земја кон нашата држава се во согласност со европските интереси и нема да влијаат на стабилноста на ЕУ. За разлика од тврдите позиции на Софија, од македонска страна посмирени тонови. Од СДСМ велат дека жалат за ветото од Бугарија, но веруваат дека со политиките на Владата и со посветеност може да се надмине препреката. За опозициската ВМРО-ДПМНЕ, политиките на Владата секојдневно ја рушат ионака кревката меѓународна позиција на земјава.

Во однос на најавата на премиерот Заев дека е подготвен на спомен- плочите на кои стои „бугарски фашистички окупатор“ да остане само „фашистички окупатор“, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски наведува дека и да се случи тоа, исправањето на таквата грешка ќе биде меѓу првите нивни чекори.

 

Марина Стојанова- Тонева