Крим одлучува, Киев и Москва склучија примирје!
До сега излегле над 60 проценти од гласачите и сосема извесен е масовен одговор „да“...

Референдумот за отцепување на Крим од Украина и припојување кон Русија тече зад гласачки паравани со руско знаме и рекордна излезност. Гласањето се одвива мирно, но под масовно обезбедување на вооружени сили за кои Русија тврди дека не се нејзина војска, туку проруска самоодбрана. За време на референдумот, Киев и Москва склучија примирје.
„Никој нема да излезе од Крим. Затоа ситуацијата на нашите воени единици е нормализирана и ќе остане таква до 21. март“, вели Игор Тенјук, министер за одбрана на Украина.
Меѓународната заедница ја осуди Москва и и се закани со изолација поради, како што велат, нелегалното отцепување на Крим, но излезноста на референдумот е огромна. До сега излегле над 60 проценти од гласачите и сосема извесен е масовен одговор „да“. Руското население има големи очекувања од Москва, пред се економски. Бојкотираат кримските Татари, кои ја обвинуваат Русија за историски неправди кон нивниот народ.
„Не го признаваме овој референдум, незаконски е. Не сакаме да бидеме дел од Русија, не го сакаме Путин“, вели жител на Крим од татарско потекло.
„Сакаме стабилност и безбедност на полуостровот, добар живот за нашите деца“, вели Аља Лександровна, жител на Севастопол.
„Смачено ми е од реформите. Сакам само да живеам на мира“, изјави Адолф Исакович, жител на Севастопол.
Референдумот го следат 135 набљудувачи од 21 земја, меѓу кои и од ОБСЕ. Не се забележани нерегуларности.
„Не е важно дали мнозинството жители на Крим се Руси, Татари или Украинци. Треба да им се даде правото да си го кажат мислењето“, рече Бела Ковач, независен член на Европскиот парламент.
Денот на Крим истекува мирно, но на границата со Русија се распоредува украинска војска со блиндирани возила и тенкови. На истокот на Украина, противниците на новата власт ја зазедоа канцеларијата на обвинителството во Донецк, а во Харков демонстранти бараа федерализација на земјата. Украинците протестираа и во повеќе европски градови. Жестоки судири се водеа на интернет, а главна цел на хакерите беа сајтовите на кримската изборна комисија и на НАТО.
Ивана Салтировска