Интернетот ја уништи традицијата за праќање на новогодишни честитки

28.12.2020 12:31

Најмладите не се сеќаваат, но повозрасните сè уште паметат дека некогаш во овој период од годината поштенските сандачиња беа преполни со новогодишни честитки во кои беа испишани прекрасни пораки, со желби за успешна Нова година. Традиција која целосно згасна со новите технологии, а еве како тоа беше пред седум децении во Охрид и насекаде во Македонија…

Се сеќавате ли кога последен пат сте добиле или испратиле новогодишна честитка и колку голема беше возбудата кога во поштенското сандаче ќе пронајдете куп честитки во кои беа напишани прекрасни емотивни пораки. Интернетот и мобилните телефони ја уништија оваа убава традиција. Причина повеќе да ве вратиме седумдесеттина години наназад, уште пред појавата на картонските честитки со насмеаното лице на Дедо Мраз или со романтичен приказ на зимската идила која нè потсетува на топлата семејна празнична атмосфера. Тогаш новогодишните честитки со многу љубов и труд ги изработуваа фотографите.

„Во рамки на фондовите и збирките коишто ги поседува Државниот архив-Охрид се наоѓа и фондот на фотографот Коста Андоноски. Материјалот којшто го поседуваме е главно во периодот од 1950 до 1965. Ние поседуваме и неколку новогодишни честитки коишто ги изработувал лично тој“, вели Славчо Новески, Историски архив-Охрид.

Во тој период новогодишни честитки нарачувале фирмите, но и некои семејства.

„Кога ги гледате старите честитки коишто се изработувале во периодот од 1950-1955 па до 1965 година не може, а да не ви затрепери душата, срцето и раката. Зошто е тоа така? Бидејќи навистина постоел еден интересен флексибилен начин на изработка на новогодишни честитки, особено оние кои биле нарачани или порачани од позначајни личности во градовите“, нагласува Никола Митровиќ, раководител на Историски архив- Охрид.

Идеите за враќање на оваа традиција се прекрасни, бидејќи секоја Нова година велат дека брзо станува стара. А новогодишните честитки кои ќе ги добиеме и сочуваме ќе нè потсетуваат некои далечни заборавени, но сепак убави времиња.

Сашо Нелоски