Здравство

Се намалува бројот на новозаразени со Ковид-19

29.12.2020 13:26

Се намалува бројот на новозаразени со ковид во земјава. На неделно ниво се регистрирани за 26,5 проценти помалку позитивни случаи. Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје, пад од речиси 19 насто и на смртните случаи. Битката со корона вирусот во изминатите седум дена ја изгубиле 129 лица...

Се намалува бројот на новозаболени и на починати од коронавирусот во земјава – покажува неделниот извештај на Институтот за јавно здравје.  Потврдени биле 3.372 позитивни случаи или за 26,5 проценти помалку од претходната седмица. Помал е бројот и на починати како последица на ковид. Регистрирани биле 129 смртни случаи, што е пад од речиси 19 насто.

Претстојните празници се нов предизвик во битката со пандемијата. Во кафеаните и во баровите нема да се прославува, властите повикаа граѓаните да не се собираат во домовите. Лекарите со апел да се почитуваат мерките.

И натаму најзастапена е возрасната група од над 60 години, кај нив и смртноста е најголема. Поголем број на заболени има и кај луѓето од 30 до 39 години. Во изминатите седум дена направени биле 13.123 тестирања, а процентот на позитивни од тестирани е 25,7 проценти.

Во изминативе девет месеци, битката со коронавирусот ја загубија околу 2.500 граѓани. Од околу 82 илјади заразени досега, бројот на активни случаи падна под 20 илјади.

 

Андријана Атанасовска