Собрание

Се кршат копја за Законот за попис

29.12.2020 14:09

Нема политика во оваа статистичка операција, и таа ќе биде спроведена квалитетно, велат пратениците од СДСМ. Од ВМРО- ДПМНЕ поднесоа 26 амандамани. Инсистираат на квалитен попис, методологијата да се вметне во законското решение и да се реализира со уреди за отпечатоци...

Собраниско кршење копја за Законот за попис. Сите се единствени дека операцијата треба да е статистичка, а не политичка. Но, опозицијата има свои барања, за како што велат, квалитетен процес. Власта уверува дека следува успешна статистичка операција спроведена според најдобрите стандарди на ЕУ. Попис е неопходен за развој на нашата татковина, која единтвена во регионот нема организирано попис 18 години, вели Снежана Ванчева Калевска од сдсм. Таа апелира до пратениците да се водат од одговорноста пред граѓаните и државата и повика да се усвои предлог Законот за попис.

Пратениците од ВМРО – ДПМНЕ поднеле 26 амандмани на законот. Велат, треба покрај отисокот на прст за време на пописот, во законското решение да биде опфатена и методологијата за да се има целосна слика за операцијата и ако откријат недостатоци навремено да се реагира. Според Никола Мицевски подобро пописот да доцни еден месец отколку да се сработи неквалитетно.

И Алијанса за Албанците и Алтернатива со барања. Наместо Заводот за статистика да го спроведува пописот, тоа да го направи посебно избрана државна комисија. Ова го образлагаат со податокот дека од 9 раководни лица во Заводот, немало ниту еден Албанец.

Дали партиите ќе дојдат до консензус за спроведување на исклучително важната статистичка операција за државата останува да се види по Нова година, кога во Собранието ќе се разгледува Законот за попис.

 

Миле Ристески