Над 67 проценти од граѓаните поддржуваат членство во ЕУ
Над 67 проценти од граѓаните поддржуваат членство во Европската унија – покажува најновото истражување на „Евротинк“. Анкетираните сметаат дека со членството во Унијата, ќе се зголеми животниот стандард, ќе се намали невработеноста. Граѓаните, најмногу доверба имаат во армијата, најмалку во судството. Над 70% од анкетираните сметаат дека најголем непријател на земјава е Бугарија...

По бугарското вето на евроинтеграциите, сѐ уште над 67 проценти од граѓаните поддржуваат членство во Европската унија, но ја сметаат Бугарија за најголема пречка, покажале резултатите од последното истражување на „Евротинк“. Над 59 % од анкетираните оцениле дека односот на ЕУ кон земјава е нефер, надмен и уценувачки. ЕУ е најдобрата алтернатива за над половина од граѓаните кои сметаат дека со членството во унијата ќе се зголеми животниот стандард, ќе се намали невработеноста, ќе има поголема можност за работа во странство и поголема демократија.
Најголем дел од анкетираните граѓани сметаат дека државата е безбедно место за живеење. Не се чувствуваат безбедни поради криминалот, невработеноста, политичката нестабилност и здравствената ситуација. Најголем дел од анкетираните оцениле дека во земјата има демократија, но над половина сметаат дека полицијата е под влијание на политиката и бизнисот, третина смета дека гласањето на избори не е тајно и дека сѐ уште се прислушува во земјата.
Во најновото истражување, најголем дел од граѓаните- над 70% сметаат дека најголем непријател на земјава е Бугарија, најпријателски држави се Германија, САД, Турција и Србија.
Ирина Гелевска
