Влада: Целосно да се почитуваат мерките и препораките за време на празниците

30.12.2020 13:42

Владата со апел за време на празниците да се почитуваат рестриктивните мерки и препораки, за да се избегне зголемувањето на бројот на заболени од КОВИД-19.

Владата со апел за време на празниците да се почитуваат рестриктивните мерки и препораки, за да се избегне зголемувањето на бројот на заболени од КОВИД-19.

За периодот од 18-ти декември до 20-ти јануари постои ограничување на работното време на угостителските објекти, до 18:00 часот.

На сила е и забраната за организирање предновогодишни и новогодишни прослави на отворен и затворен простор, за сите граѓани, за општините, работните организации, како и забрана за работа после 21:00 часот на рестораните во хотелските објекти.

Забрането е собирање во групи (групирање) на повеќе од четири лица на јавен простор, односно паркови, јавни површини или било каде на отворен простор во текот на целиот ден.

Секој граѓанин мора да носи лична заштитна опрема на лицето (прекривка на устата и носот) при излегување надвор од својот дом, односно при движење на јавни места и површини од отворен и затворен тип, на пазари, во јавен превоз и при влез во затворени простори каде се собираат повеќе лица.

Остануваат активни и јасните препораки до верските заедници, да не повикуваат на масовни собири и групирања за време на претстојните верски празници.

Според препораките, Владата апелира да не се излегува од дома без некоја голема потреба после 18:00 часот, за да се избегнат ризиците од формирањето групи на граѓани.

Во домовите, по повод празниците и семејните прослави, да се почитуваат и препораките кои налагаат во рамките на еден дом да нема присутни повеќе од четири лица како гости.

Прекршувањето на задолжителните мерки, правила, рестрикции и протоколи за спречување и заштита од коронавирусот е казниво заради загрозување на животот и здравјето на граѓаните.