Куманово без новогодишна еуфорија
Нема новогодишна атмосфера во Куманово. Пандемијата ги одложи традиционалните новогодишни манифестации. По одлука на општината, средствата наменети за концерт, огномет и новогодишно украсување се искористија за набавка на таблети за ученици. Дека се наближуваат празници, единствено може да се препознае по старата новогодишна елка која е поставена на плоштадот...

Пандемијата ги одложи традиционалните новогодишни манифестации, концерт, Дедо Мраз на мотор, средбите со дечињата. Во Куманово речиси и нема новогодишна атмосфера. Улиците, градот овој пат останаа без новогодишни украси и светилки. Дека се наближуваат празници, единствено може да се препознае по сообраќајниот метеж во градот, и маркетите, но и по старата новогодишна елка која е поставена на плоштадот. Ја нема еуфоријата од претходните години кога стотици дечиња со своите родители на плоштадот чекаа на ред за да се фотографираат.
Општина Куманово годинава одлучи средствата предвидени за новогодишниот концерт, огнометот и новогодишното украсување да се пренаменат за набавка на таблети за учениците. Старата елка е единственото што во Куманово потсетува дека наближуваат празниците.
На малиот плоштад во Куманово веќе неколку дена се поставени мобилните куќички за продажба на новогодишни додатоци. Но, закупците се жалат на лошата продажба.
Кумановци велат дека годинава ковид- кризата влијаше и на новогодишната атмосфера. Еуфоријата падна во сенка, здравствената состојба налага да не се размислува на ова прашање.
„Скромно да се одбележи да се создаде атмосфера дека доаѓа нова година. Не е како порано што беше, веројатно поради овој вирус што постои, можеби и сиромаштијата го прави своето“- вели еден кумановец.
„Една елка и ништо друго, еуфорија нема. Малку луѓе во маркетите“-нагласува друг.
„Јас колку што гледам дека нема, народот гледа ден за ден, не е како што беше едно време“- наведува трет.
„Елките не се украсени, ниту улиците, скромно“- посочува еден граѓанин.
Граѓаните апелираат на одговорно однесување за време на празниците и прослави само во кругот на семејството.
Елена Георгиевска
