Основците и средношколците од денеска на зимски распуст
Основците и средношколците од денеска се на зимски распуст. Ќе трае до 20-ти јануари, а веќе наредниот ден учениците ќе ја продолжат наставата од второто полугодие- некои во училишните клупи, а повеќето пред ИТ- уредите...

Само еден насто од учениците и од наставниците кои следеле настава со физичко присуство биле инфицирани со Ковид-19. Првото полугодие за основците и за средношколците завршува и ќе продолжи на 21-ви јануари наредната година. Од Министерството за образование велат дека имало барања распустот да трае подолго, но нема причина за продолжување бидејќи според нивните сознанија училиштата не биле места на ширење на вирусот. Во годината во која што претстојат реформите во образованието, за кои има и спротивставени гледишта, министерката Царовска се надева дека идната година ќе биде подобра од оваа која изминува.
„Посакувам сите заеднички во идната 2021 година да работиме на создавање подобро и поквалитетно образование за секое дете. Сите заеднички да создадеме образование коешто вложува во личниот развој на секој ученик, а со тоа и во развојот на целото општество“, вели Царовска.
Поради епидемијата со коронавирусот, оваа година првото полугодие почна еден месец подоцна, односно на први окотмври и траеше само три месеци. Наставните денови беа намалени од 180 на 159.
Андријана Атанасовска
