Хрватска прогласи природна катастрофа во погодените области од земјотресот
Хрватската влада прогласи состојба на природна катастрофа за два округа погодени од разорниот земјотрес. Изутрина уште еден земјотрес со магнитуда од 4,5 степени по Рихтер ја потресе околината на Петриње. Бил почувствуван и во Загреб...

Поради зејотресите Хрватска прогласи природна катастрофа во погодените области, соопшти премиерот Андреј Пленковиќ. Истакна дека земјата се соочува со две катастрофи, пандемијата со Ковид-19 и земјотресите. Пленковиќ им се заблагодари на сите граѓани кои донирале пари за помош на граѓаните.
Рано изутрината уште еден земјотрес ја потресе околината на Петриње. Како што наведува сеизмолошката служба, потресот бил регистриран во 7 часот и 50 минути со магнитуда од 4,5 степени по Рихтер. Бил почувствуван и во Загреб. Три часа претходно беше регистриран уште еден потрес на 2 километри североисточно од Петриње со јачина од 3,5 степени по рихтер.
„Еве уште еден земјотрес. Доста го почувствувавме“- изјави Бранка Бакшиќ Митиќ, градоначалник на Глина.
„Да, го почувствувавме и ние овде. Подоцна ќе ја дознаеме неговата јачина. Ова е нешто со кое жителите на Глина секојдневно се соочуваат. Имаат трауми, и пожарникарите, луѓето од Црвениот крст, а и оние што ги загубија своите домови“, изјави Ана Кроло Молнар, радиоводител.
Тлото во Хрватска не мирува откако на 29 декември се случи разорниот земјотрес.
„Бевме тука во командниот центар на пожарникарите во Глина кога се случи земјотресот. Доста не потресе. Верувам дека ова предизвика дополнителен страв кај жителите. Новите извештаи сè уште не пристигнале тука до оперативната команда. Се надеваме дека овој земјотрес не предизвика нови штети. Ги повикуваме граѓаните да се смират, бидејќи ќе има уште вакви потреси. Се надеваме дека ќе ги има сè помалку и дека ќе ослабат со текот на времето. Апелирам до граѓаните да не се ставаат во ситуации ризични по живот, туку да ги пријават сите опасности што ги забележуваат. Ние, како и другите служби, ќе излеземе на терен и ќе помогнеме колку што можеме“, вели Тихомир Варга, заменик командант на Оперативната зона на пожарникари во Глина.
Градоначалникот на Петриња, Даринко Думбовиќ изјави дека граѓаните се на работ на трпението и на човечките можности и дека основниот проблем е сместувањето. Во разорниот земјотрес во Хрватска загинаа 7 лица, а 27 се повредени.
Марина Ристова
