Струмица

Заврши увидот за пожарот во „Глобал“

05.01.2021 14:42

Завржи увидот на инспекциските служби и Јавното обвинителство за утврдување на причините за настанатиот пожар во струмичкиот „Глобал“. Сѐ уште не се откриваат причините до комплетно затворање на случајот. Дуќанџиите денес влегоа во опожарениот објект....

Денес комплетно заврши увидот на надлежните инспекциски служби за утврдување на причините за настанување на пожарот во ТЦ „Глобал“. Влегоа и првите сопственици во опожарените дуќани во „Глобал“ за да видат што останало по пожарот. Самостојно без увидни екипи нема да влегуваат до конечниот збор по увидот на Јавното обвинителство.

За брза и координирана акција, вчера беше формирано координативно тело за справување со последиците од пожарот во трговскиот центар „Глобал“.

Координативното тело донело и заклучок  да формираат стручна комисија за проценка на штетата, согласно единствената методологија за проценка на штети од елементарни и други непогоди, да се отвори посебна наменска сметка – фонд за солидарност. Исто така, да се создадат контакти со сите правни и физички лица кои самоиницијативно ќе придонесат за што побрзо расчистување на остатоците од големиот пожар.

Денес го контактиравме и директорот на ЈП Комуналец кој вели дека потребната механизација е ставена на располагање, со цел побрзо и подинамично расчистување на опожарениот дел од „Глобал“.

 

Стојне Митева