Куманово

Бадник без поворки и прослави

05.01.2021 15:42

Поради пандемијата со коронавирусот годинава нема да се одржат традиционалните прослави со кои се одбележуваше Бадник. Бадниковата повторка, со која дечињата низ улиците во државата го најавуваа Христовото раѓање, ќе се организира на поинаков начин. Од здруженијата, чувари на традицијата, повикуваат божиќната песна да се пее во домовите...

Традиционалните прослави за Бадник се откажани. Поради актуелната состојба со пандемијата предизвикана од Ковид- 19, годинава нема да се одржат бадниковите поворки низ улиците во државата, со кои дечињата го најавуваа Христовото раѓање. Но, организаторите од здруженијата, чувари на традицијата велат дека ништо не може да спречи божиќната песна да се пее во домовите.  

„Апел до верниците оваа година да нема масовни собири, поворката нема да се движи низ улиците во Куманово. Тоа ќе го оставиме за поубави времиња, пораката е сите дечиња, верници да се доближиме, на Бадник во 12 часот, да ја испееме песната Вечниот бог, од нашите дворови, домови на тој начин ќе се доближиме до децата, целиот христијански свет кој што го празнува овој празник“- истакна Ана Денковиќ Антевска, Здружение Бадникови поворки.

Во рамки на одбележувањето на Бадник, во градовите низ државата се поставуваат божиќни пештери и пунктови за донации. Здружението од Куманово одлучило на градот да му подари мурал, кој го означува раѓањето на Христос, но и обележја на општината. Собраните средства ќе се донираат за потребите на општата болница.  Покрај бадниковата поворка, нема да се одржи ниту големата прослава која традиционално ја организираше здружението на граѓани Коледари.

Со зурли и тапани изминативе 19 години кумановци го славеа Бадник на овој плоштад. Тие најпрвин го посетуваа соборниот храм Свети Никола, каде што сечеа славски колач, а потоа потоа славеа со граѓаните. Чуварите на традицијата од здружението на коледари делеа и бадникови гранчиња.

Елена Георгиевска