Обилни дождови на истокот - за оризарите спас, за возачите опасност

11.01.2021 14:52

Дождовите се голем благодет за оризопроизводителите. После долготрајната суша, акумулациите на истокот се полнат. Но, врнежите се закана по безбедноста на патниците на магистралниот пат А-3 кој го поврзува Кочани со крајниот исток, каде одроните и при помали врнежи се секојдневни.

Одроните се честа појава на магистралниот пат А- 3 кој ги поврзува Кочани, Македонска Каменица и Делчево, а во услови на обилни врнежи состојбата само се влошува. Надлежните со препорака за крајна внимателност на возачите.

Актуелните врнежи во голема мера ќе ја подобрат хидролошката состојба на акумулациите на истокот. Браната Калиманци од 22 милиони метри кубни вода пред дождот, сега е на ниво на околу 40 милиони, што е знак дека годинава може да се размислува и за зголемување на површините под ориз во кочанско поле. Задоволни се и земјоделците од кочанско.

Опасност за прелевање на акумулациите за сега нема, вели директорот на кочанската подружница на АД „Водостопанство“, Дени Митров. За Македонската телевизија појаснува дека е стабилна состојбата и на Брана „Градче“ од каде се испуштаат 2,5 метри кубни вода во секунда.

Екипите на Водостопанство ги чистат речните корита, до сега излевање е забележано на Оризарска река во регион каде доминираат оризови ниви.

 

Славица Величковска